fbpx

Од утре започнува грејната сезона, БЕГ уверува дека системот е во целост подготвен за испорака на топлинска енергија

-

Од утре, 15 октомври, започнува грејната сезона 2020/2021 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува БЕГ. За домаќинствата и правните субјекти во Скопје кои се приклучени на централниот систем за топлинска енергија, утре почнува регулираниот период за редовна испорака на топлинска енергија, кој вообичаено трае до 15 април следната година.

Од БЕГ велат дека испораката на топлинска енергија се врши 6-22 часот, по утврдени правила и дијаграми, зависно од атмосферските услови и надворешните температури, кои се утврдени во регулативата одобрена од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Македонија. Според тоа, ако надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, при што температурата во домовите не треба да биде пониска од 20 +1 степен Целзиусов.

„Системот за централно греење со кој управува БЕГ АД е подготвен за почеток на грејната сезона 2020/2021. Компаниите во состав на групацијата Балкан Енерџи Груп АД Скопје, се целосно спремни за сигурно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Според деловните и оперативните планови реализирани се сите планирани инвестиции во системот за централно греење, а фактот дека топланите се целосно гасифицирани и автоматизирани, значи дека централното греење e клучен фактор за решавање на проблемот со аеро загадувањето во градот Скопје“, објаснуваат од БЕГ за „Мета.мк“.

Додаваат дека со имплементирање на модерен систем за мониторирање и брза детекција на дефекти, континуирано се реконструира топловодната мрежа која е стара повеќе децении, намалени се загубите од истекување во системот како и топлинските загуби, со што квалитетот на услугата е значително подобрен. Токму затоа годинава, споредено со лани, бројот на нови потрошувачи е зголемен.

Минатата година во земјава се евидентирани 57.517 корисници на централно греење, од кои над 53.000 биле приклучени на системот на БЕГ. Од Регулаторната комисија веќе соопштија дека годинава БЕГ ќе има доплнителни 10 мегавати за потрошувачите на топлинска енергија и ќе бидат приклучени на системот околу 25 до 30 новоизградени станбени објекти. Првпат по многу години, ќе има 15 нови потрошувачи во Скопје Север, а во Железара на системот на ЕСМ Енергетика ќе се приклучат пет нови станбени објекти на дистрибутивната мрежа. Со измените во Законот за градба, а со цел да се поттикне приклучувањето, цената за приклучок е намалена од 3.160 денари на 2.000 денари по киловат.   

„Во интерес на јавното здравје, безбедноста на потрошувачите и вработените, како и справување со заканата од корона вирусот, воведена е електронската услуга „е-фактура“ со која фактурите за топлинска енергија потрошувачите ќе можат да ги добиваат по електронска пошта како и услугата BegEPay (Плати сметка) за електронско плаќање на фактурите на веб страната www.beg-snabduvanje.com.mk“ , потсетуваат од БЕГ.

Потсетуваат дека, во секој нов објект со повеќе потрошувачи, за кои е започната постапка за одобрение за градење, законска обврска на инвеститорот е да вгради уреди за мерење на локалното распределување на топлинската енергија за секој потрошувач поединечно.

„За постојните објекти, доколку потрошувачите сакаат во објектот да имаат инсталиран распределувач или индивидуален мерен уред, согласно регулативата, потребно е најмалку 80 отсто од потрошувачите да постават вакви уреди на сопствен трошок. Снабдување со топлина Балкан Енерџи има капацитет, техничка подготвеност и ресурси за изработка на сметките – фактурите за топлинска енергија преку ваков тип на мерачи – распределители“, велат од БЕГ.

На почетокот на оваа грејна сезона, од компанијата апелираат, сите управители, односно Заедници на сопственици, да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската подстаница на објектот и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...