Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека рокот за пријавување за субвенциониран студентски оброк за оние студенти кои досега не го оствариле ова право трае од утре, 1 февруари до среда, 5 февруари.

Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, можат да поднесат апликација електронски преку порталот „е-услуги“.

Право на субвенциониран студентски оброк имаат редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои се државјани на Република Северна Македонија, не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето плата.

Сите студенти кои имаат потреба од поддршка при аплицирањето, може да се обратат на следнава адреса: [email protected].

Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, можат повторно да аплицираат.

Истовремено, од МОН информираат и оти поради законска регулатива за засилена автентикација при бесконтактни плаќања на ПОС терминали, студентите некогаш ќе треба да го внесат ПИН кодот за трансакциите со картичките за оброк да бидат успешни.

Шпаркасе Банка објави две важни известувања во врска со оваа новина и поддршка за студентите, кои може да се најдат овде и овде.

Инаку, бидејќи месецот февруари започнува во сабота, студентите на располагање утре ќе имаат само 140 денари на првиот ден од месецот.