Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, од утре, 1 септември, ќе започне со зимскиот возен ред, односно во јавниот превоз во главниот град ќе вклучи зголемен број на возила.
Како што соопшти ЈСП – Скопје, деталниот возен ред е достапен на нивната веб-страница jsp.com.mk.
Оттаму исто така соопштуваат дека од утре (1.09.2022 г.) ќе воведат нова автобуска линија со број 111 која ќе сообраќа од Сарај до Радуша.
„Почетна/крајна постојка во Сарај ќе биде на постојката на последна линија „2“, а во Радуша почетна/крајна постојка ќе биде сред село“, соопшти ЈСП – Скопје.
Оттаму додаваат оти автобусите на линија „111“ ќе сообраќаат од понеделник до петок, по следниов возен ред:
Сарај: 5.35 ч, 7.05 ч, 11.10 ч, 13.40 ч, 15.20 ч и 19.30, Радуша: 6.15 ч, 7.55 ч, 12 ч, 14.30 ч, 16.10 ч и 20.20 ч.
Тие посочуваат оти линијата се воведува по барање на локалното население, а по изготвената анализа на терен која укажа дека барањето е основано.
„Новата линија значително ќе ја подобри поврзаноста на населеното место Радуша со Сарај и жителите на Радуша ќе добијат редовен превоз“, велат од ЈСП додавајќи дека во меѓувреме разгледуваат и други слични барања.
Инаку, бројот на патници во јавниот превоз во Скопје е драстично опаднат, а грaдските власти неодамна одбија да изградат нов брза автобуски транспорт (БРТ) за што веќе имаше обезбедено пари од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Како резултат, бидејќи обезбедените средства од 70 милиони евра не се користат, за нив се плаќа камата од 0,5 отсто на годишна основа, односно 350.000 евра.