Од тестирани 1.323 основци, само шестмина биле позитивни на ковид

Фото: Testalize.me on Unsplash

Во тек е скринингот на учениците од основните и средни училишта во Република Северна Македонија, информираат во Министерството за здравство. Скринингот го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава. Инаку, според податоците од националниот систем „Мој термин“ досега во земјата 5.800 деца на возраст од 12 до 17 години примиле една доза вакцина за ковид-19, а ревакцинирани се 4.860 малолетници.

– Министерството за здравство ги објавува досега обработените податоци, од спроведениот скрининг во првите денови. Од тестирани 1323 ученици во средни и основни училишта на подрачјето на ЦЈЗ Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид, 725 се основци од 1 до 9 одделение, а 598 се средношколци. Од нив само 6 основци биле позитивни на Ковид 19, а 1317 ученици биле негативни на тестот – информираат оттаму.

Центрите за јавно здравје, при детектирање на позитивен ученик, постапуваат согласно донесениот алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнеж за присуство на вирусот.

– За поголем дел од центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица. По обработката на податоците Министерството за здравство ќе ја објави целосната анлиза со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот ковид-99 меѓу учениците во училиштата – додаваат во министерството.

Во моментов во државата, 885 деца на возраст од 0-17 години, се активни, а 15 се позитивни на ковид-19. На Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9-16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.