Од свирење во подрум „2 на 2“ до студиски албум: „Музика ќе правиме што и да биде“

Фото: Настап на Пин, Cut your nipple, лична архива

Панк, фанк, рок со по некој акорд и мелодија од каде малку се краде и помалку се додава од(во) овие музички правци се создава сосема нов освежувачки звук, односно бенд  „Cut your nipple“ – еден од новите претставници на денешната алтернативна музичка сцена во Македонија.

Марко, Павел и Тео започнуваат да „џемаат“ своја музика во 2018 година, а досега веќе бележат бројни гостувања на музички фестивали, самостојни настапи или попрецизно речено, свирки и промоции на својот деби албум што излезе оваа година во април. Во разговор со Мета.мк тие ни ја откриваат својата приказна од почетоците се до новата музичка „книга“.

„Имаше една фаза или период во друштво“, започнува Марко, а во позадина оди Catamaran на Allah – Las, „кога сите нешто свиревме, кој почнуваше, кој веќе нешто знаеше, ама сите сакавме да формираме бенд. Имавме 14 години и тоа ни беше некако најважно. Но, за кратко време кој не можеше, кој се откажа и така некако останавме само ние тројца и формиравме бенд. Можам да се сетам како се собиравме некаде да слушаме музика, многу музика, да пробуваме да свириме. Не умеевме. Павел беше нешто поискусен во свирење гитара ама сè што имаше научено, самиот го научил па се учевме и ние со него. Јас свирев гитара, но не може сите да свират гитара и тука некаде започна мојата приказна со басот, однсоно бас-гитарата.“

Името на бендот не е од секогаш „Исечи ја својата брадавица“, претходно, на почетокот се нарекувале „ПИЏН“.

„Ќе се собереме и ќе импровизираме. Мелодии, идеи, еден со друг се надополнуваме, сеуште немавме тапани, а слушавме стари рок и „ју“ рок бендови… Го убедив Тео да започне да свири тапани и ја добивме првата идеја за бендот. На почетокот се викавме „ПИЏН“ бевме класичен cover бенд и имавме една свирка – нашиот прв настап пред публика под отворено небо и во Тетово. Но тој период кратко траеше“, раскажува Павел.

„Cut your nipple“ официјално постои од 2018 година и како бенд со ова име и како бенд кој започнува да прави своја музика. Покрај првиот настап во тетовско кафуле, помнат уште неколку а потоа следи и првиот музички фестивал, „Д-Фестивал“ во Дојран, 2018 година.

„Од денешната верзија на албумот, тогаш имавме направено само половина – во времетраење од 20 минути. Со тој материјал аплициравме. Бевме собрани на Шапка кога ни пристигна мејлот дека ќе настапуваме и започна лудилото. Прославувавме, се радувавме многу, прв фестивал, прво искуство, не знаевме ништо како оди, се спакувавме и заминавме. Беше посебно. Подоцна кога нѐ одбија и на „Лузер фест“ и на „Рок фест“ навистина беше разочарувачки, си велевме зошто сега, како, но пасијата кон музиката и свирењето успеа да нѐ држи во игра. Тогаш се запознававме со сите кои денес исто имаат млади бендови и групи, се дружвме, откривавме нова музика, учевме во пракса. Крцка салата и сите свират туѓа музика, ама прв пат чувствуваш дека те слушаат, публиката возвраќа на твојата емоција. Свирка во „Дуња“, на „Баскерфест“, „Три дена култура“, хуманитарни настани во скопските гимназии, на тие настани се среќаваме прв пат со денешните членови на „Хајка“, „Луфтанза“ и други“, се потсетуваат на искуствата минати на средношколските настани низ годината во која ги поставиле своите зачетоци.

Фото: Cut your nipple, лична архива

Нешто што се јавува како постојан проблем е тоа што немаат пробувална. Со истото се соочиле и во Тетово и во Скопје. Велат дека неколку порби направиле во пробувалната на Средното гимназиско училиште „Никола Карев“ во Скопје, но тоа е простор наменет за учениците таму и е единствен слободен простор од ваков тип што значи дека не е често слободен или достапен.

„Простории за проби немаме. Се снаоѓаме, користиме простории на други локални бендови, од Тетово и Скопје. Од секогаш ни недостасувало место кое ќе биде наше за проба и тоа сеуште е така. Првите обиди за свирење концепти ни се правени кај Тео во подрум, 2 со 2. Потоа кога ќе отидеш на настап не знаеш како ќе звучи, но важно одиш. Бидејќи се променија многу работи во овие години, можам да кажам дека само ова и жарот за правење музика останале исти. Неуморното пробување и изведување експермиенти низ жанровите, мислам дека тоа никогаш нема да се смени и ние музика ќе правиме што и да биде. Не го велам истото и за првата работа која ја кажав.“ низ смеа опишува Марко. „Кога немаш каде да правиш проба дознаваш дали ќе продложиш со музика или не. Важно е да си истраен“, додава Павел.

Дечките продолжуваат понатаму велејќи дека според нив тоа не треба да е проблем и воопшто не е. Нивната упорност и истрајност се чувствува и во следните настапувања и победата на „Лузер фест“.

„Во 2019 дојде првото учество на „Лузер фест“. Мислам дека тоа ги промени нештата, но целта на настапувањето ни беше да дадеме сѐ од себе, да отсвириме најдобро што умееме и да и дадеме шанса публиката да го види тоа. Ни дојде неочекувано што бевме избрани во селективната осумка, но најголемиот шок дојде кога победивме. Публиката нѐ изгласа нас!“, раскажуваат младите музичари.

Како награда, Cut your nipple го снимаат својот прв студиски албум „The Jungle Book“ во студиото 1060 предводени од мајсторијата на Дени Крстев и издаден од Password Production.

Инспирацијата никогаш не ја одредувале однапред. Доаѓаат и се препуштаат на правење музика. Некогаш со подготвен текст, некогаш тој е краток, некогаш не одговара па само го нема, како во песната „U“, а некогаш умеат да свират сосем недоговорено, па го снимаат на Voice recorder и од тоа настанува песна.

„Само што завршивме со свирка и тргнавме накај мене, со себе ја понесовме целата таа еуфорија и ја зедов гитарата во раце а Марко басот. Почнавме да свириме и снимавме. Потоа Тео слушна и само го додаде делот на бубањ, така настана U“, вели Павел кој моментално студира аудио инжинеринг на факулетот за аудиовизуелни уметности Еуропа Прима.

Фото: Омот за албумот „The Jungle Book“, Cut your nipple, лична архива

Албумот за прв пат беше промовиран летово, по што следуваше настап на „Аларм фест“ фестивалот во Охрид. Досега сите песни кои имаат текст се на англиски јазик, а за следниот проект што сега е во подем планираат да биде на македонски.

„Не знам, поинаку гледам на тоа сега. Првиот албум е на англиски, но така сме мислеле тогаш, веројатно ни било полесно. Сега сме друго, и многу време има поминато, но и зошто да не? Тука сме, овде сме, ќе креираме на македонски. Претходно се грижевме како ќе звучи, дали ќе биде популарно, допадливо за другите. Сега се фокусираме на „добра“ музика, односно ние да сме задоволни со продуктот, не внимаваме на начинот на свирење дали е ист или различен, ќе се менува тој, но стилот ќе се задржи ист, тоа е она што го прави секој музичар автентичен“, опишува Марко, кој покрај басист е и текстописец на песните.

Бендот беше дел и од последното издание на ПИН – меѓународен музички фестивал што се одржа во последната недела на месец ноември. За тоа како си поминале таму велат е вистинска случка и не влегува во зборови.

Фото: Настап на Пин фестивал, Зденко Петровски, користење со дозвола

„Одредено ни е да свириме во веце, и сега зошто во ВЦ си викаме, ама тоа е. А сите и од организацијата и од странство и други музичари со кои разговаравме пред настапот ни велea дека е многу јако и кул што сме таму, дека ќе ни биде најдобра свирката, ама ние исти, зошто па зошто. Уште не застанавме на „сцена“, беше преполно, ама преполно. Се протнавме некако да дојдеме до инструментите и почнавме. Толку. Ниедна сцена не може да го оствари контактот со публиката што го имавме ние таа вечер“, вели Марко сè уште под импресии од настапот.

Марко мооментално е студент на Факултеот за ликовни уметности во Скопје, додека Тео студира на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во отсекот за ударни инструмени.

„Најважно е што во Македонија има капацитет за развивање сцена, а има и веќе развиена сцена. Кога го кажувам ова мислам на „Basement Cult“, „Lufthansa“, „Хајка“, „Stoned Hedge“, „Мамут“, „Corrosion“ и други. Неодмана оформивме неформално здружение, односно алтернативен младински колектив на музичари што се вика „Гола Планина“, вели Марко.

Фото: Cut your nipple, лична архива

За годината што следи, тие веќе имаат неколку траки на ум па може да го очкуваме и вториот албум наскаоро. Се надеваат дека ќе биде уште поплодна година, па намерата им е да се пријават и на некои музички фестивали надвор од земјава во околните земји.