Платформите како Фејсбук, Икс,ТикТок и Инстаграм играат клучна улога во ширењето на визуелните дезинформации. Алгоритмите го наградуваат ангажманот, а не точноста, што значи дека шокантните и емотивни објави имаат поголеми шанси да станат вирални, без разлика дали се вистинити. Во таква средина, дезинформациите не само што се шират брзо, туку и тешко се демантираат откако еднаш ќе станат популарни. Случаите со АИ-фотографии поврзани со Иран јасно покажуваат дека влегуваме во нова ера на дезинформации – ера во која „доказот“ во форма на фотографија веќе не е доволен. Границата меѓу вистина и манипулација станува сè понејасна, а јавноста сè потешко прави разлика, пренесува Вистиномер.
Пишува: Ана Анастасовска
Во време кога информациите се шират побрзо од кога било, војната на САД и Израел со Иран во 2026 година покажува дека вистината сè почесто губи битка пред убедливата слика. Генеративната вештачка интелигенција (АИ) овозможи создавање фотографии што изгледаат автентично, но во суштина се целосно лажни – и токму тие стануваат клучно средство за ширење дезинформации. Анализите на проверувачите на факти и медиумските извештаи укажуваат на алармантен тренд: комбинација од АИ-генерирани слики, стари фотографии извадени од контекст и масовно споделување на социјалните мрежи создаваат искривена слика за реалноста на конфликтот.
„Спасени војници“ во служба на воена пропаганда
Веста за соборен американски борбен авион F-15E и исчезнат член на екипажот во Иран на почетокот на април 2026 година создаде огромен интерес и неизвесност во јавноста. Во отсуство на брзи и проверени информации, социјалните мрежи беа преплавени со фотографии што наводно прикажуваат заробени или спасени пилоти, но многу од нив подоцна се покажаа како лажни или генерирани со вештачка интелигенција.
Такви фотографии се ширеа на социјалните мрежи, како во Македонија, така и во регионот. На пример, во една објава од 6 април беше објавено следното:
Слики што кружат на социјалните медиуми покажуваат специјални сили на Иранската револуционерна гарда како спасуваат американски пилот. По верификацијата и прикажувањето на сликите на експерт за измислени слики, беше даден следниов одговор: Искрено, можам да кажам со 99% сигурност дека сликата е вистинска, врз основа на мојата анализа од неколку агли. И покрај изјавата на Трамп дека го спасиле и вториот пилот досега Американците не објавија ниту една снимка од него.
Во склоп на објавата е споделена и фотографија од наводно двајца ирански војници како држат, односно спасуваат американски војник.
Но, проверката на Вистиномер покажа дека таа е генерирана со вештачка интелигенција. Прво, на фотографијата може да се забележи дека раката на војникот од десно, со која го држи пилотот, изгледа неприродно и како да се „прелева“ во неговата униформа. Исто така, прстите на војникот од лево се нејасни и деформирани. Цевката на маската на пилотот не е логично поврзана и на места делува како да „исчезнува“ во неговото тело. Амблемите на униформите се нејасни и не одговараат на официјални воени ознаки. Остатоците од авионот во позадината се апстрактни и немаат структура на вистински метални делови.
Потписот „Photo by Arash“ во долниот десен агол на фотографијата е исто така дел од манипулацијата, иако изгледа како ознака на вистински фотограф за да се зголеми веродостојноста на сликата.
Дигиталната анализа (SynthID) дефинитивно потврдува дека самата слика е создадена со вештачка интелигенција. Потписот е додаден дополнително за да ги измами гледачите дека зад објективот стоел човек. Името „Arash“ е често во Иран, но не постои официјален фотограф или новинска агенција со тоа име која ја презела одговорноста за оваа фотографија. Вистинските воени фотографии секогаш доаѓаат со полно име на фотографот и агенцијата (пр. AP, Reuters, Getty), ни одговори Гугл.
Дека фотографијата е креирана со вештачка интелигенција ни потврди и алатката Хајв (Hive).
Истата фотографија, но со други ликови, ja најдовме и на Инстаграм.
Вакви слични дезинформации, пласирани преку фотографии креирани со вештачка интелигенција, беа забележани и во Србија. Сајтот за проверка на фактите Истиномер анализирал фотографии кои се споделувале како доказ за заробени американски војници. Фактчекерите утврдиле дека сликите не се автентични – дел носат знаци на АИ-генерација, а дел немаат веродостојно потекло, и покрај тоа што масовно се ширеле на социјалните мрежи. Истиномер разгледувал сличен случај, но овојпат со наводно заробени израелски војници. И тука анализата покажала дека фотографијата е манипулирана или генерирана, без докази дека прикажува реален настан од конфликтот.
Кога политичарите споделуваат лажни фотографии
Еден од најилустративните случаи е ширењето на фотографија која наводно прикажува спасен американски војник во Иран. Сликата, која брзо стана вирална, беше споделена и од политички фигури во САД, пред да се утврди дека е генерирана со АИ.
Анализите на медиуми како Guardian и Petapixel покажуваат дека токму ваквите случаи се особено проблематични: кога влијателни личности ќе споделат непроверена содржина, таа добива привиден кредибилитет и многу побрзо се шири. Овој пример открива една од најголемите слабости во дигиталната ера – дури и оние што имаат јавна одговорност често не вршат основна проверка на визуелните информации.
Гардијан забележува дека ваквите случаи покажуваат колку лесно „убедливи, но лажни визуелни содржини можат да се пробијат во мејнстрим дискурсот и да бидат прифатени како факт“. Во анализата се заклучува дека брзината на ширење на ваквите содржини значително ја надминува способноста за нивна проверка, што создава сериозен ризик од масовно дезинформирање на јавноста, особено во чувствителни ситуации како воени конфликти.
Целосно измислена воена реалност
Фотографиите креирани со напредни АИ-алатки се дизајнирани со цел да предизвикаат силна емоционална реакција. Токму тоа ги прави идеални за вирално ширење. Дополнителен проблем е што ваквите содржини понекогаш се мешаат со реални фотографии, што ја прави детекцијата уште потешка, дури и за искусни корисници.
Анализата на овие случаи покажува неколку клучни механизми:
Брзина пред точност – содржината се шири побрзо отколку што може да се провери
Емоционален ефект – драматичните сцени поттикнуваат споделување
Хибридни фалсификати – комбинација од вистинско и лажно
Засилување од влијателни профили – политичари и јавни личности несвесно ја легитимираат дезинформацијата
Социјалните мрежи како „засилувач“
Платформите како Фејсбук, Икс, ТикТок и Инстаграм играат клучна улога во ширењето на ваквите содржини. Алгоритмите го наградуваат ангажманот, а не точноста, што значи дека шокантните и емотивни објави имаат поголеми шанси да станат вирални, без разлика дали се вистинити. Во таква средина, дезинформациите не само што се шират брзо, туку и тешко се демантираат откако еднаш ќе станат популарни.
Случаите со АИ-фотографии поврзани со војната на САД и Израел со Иран јасно покажуваат дека влегуваме во нова ера на дезинформации – ера во која „доказот“ во форма на фотографија веќе не е доволен. Границата меѓу вистина и манипулација станува сè понејасна, а јавноста сè потешко прави разлика. Во таков контекст, улогата на проверувачите на факти, новинарите и медиумската писменост станува клучна. Без критичко читање и проверка на изворите, ризикот е јасен: да се верува во реалност што никогаш не постоела.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
