Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска треба да излезе со проценка на трошоците за живот за септември, па ако ги анализираме стапките на инфлација во регионот, од Словенија до Турција, ние сме убедливо втори, кажа денеска во изјава за медиумите премиерот Христијан Мицкоски, на отворање на детска градинка во Шуто Оризари. Тој рече дека вчера имал состанок со претставници на Светска Банка одговорни за земјава, на кој било кажано дека сме биле единствена земја во која усогласувањето на проценката за раст е во позитивна насока.
„Ја започнавме годината со 2,6 отсто раст на БДП, па потоа беше 2,9 отсто и сега излезе 3,2 отсто. Убеден сум дека годинава ќе оди до 4 отсто. Очекувам да бидеме земја која ќе има ако не најниска, меѓу најниските две-три инфлации во регионот и во Европа“, кажа Мицкоски.
Според него, важно било да продолжи трендот да сме меѓу најниските во регионот кога станува збор за нивото на годишна стапка на инфлација.
„Во третиот квартал бројките покажуваат дека состојбата е под контрола, во јули стапката беше 2,3 отсто, а просекот во ЕУ 2,9 отсто. Сега ЕУ објави дека во септември е 3,8 отсто, а според нашите проценки за храна и пијалоци очекуваме годишна стапка од 1,5 и 2 отсто, што ќе биде најниска во регионот и една од најниските во Европа“, кажа тој.
Прашан за тоа, кои би биле пораките што ќе бидат пренесени на утрешната средба во Софија на министрите за надворешни работи, кажа дека само со дијалог можело да се дојде до решениија.
„Добивме официјална потврда за билатерална средба. Утре ќе има средба, но ќе видиме во кој формат, дали ќе биде билатерална на маргините на Самиотот за Коридорот 8. Пораките се јасни, дека само со дијалог може да дојдеме до решение од оваа состојба, ние сме за добрососедски односи и треба што поскоро да сме дел од ЕУ зашто тоа многу одамна го заслуживме“, рече Мицкоски.
