Од септември учениците ќе можат електронски да се запишуваат во средните училишта

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука (МОН) има за цел од септември годинава деветоодделенците да можат по електронски пат да се запишат во средно училиште во земјава. Ова ќе се овозможи со дигиталната услуга „Електронски уписи на ученици во средни училишта“.

За ова денеска информираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири на презентацијата на новата услуга што се реализира во рамки на проектот „Дигитализација на услуги во образовниот сектор“, поддржан од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје.

Инаку, електронскиот упис на учениците во средните училишта ќе уследи откако во септември лани беше имплементирана можноста првачињата да се запишат во основно училиште со користење на електронска пријава за запишување.

Со овозможувањето на е-услуги, како министерство испорачуваме вредност на корисниците, рече министерот Шаќири, додавајќи дека родителите и децата, како корисници на образовните услуги, освен за пријавување за упис во основно и средно образование, можат електронски да аплицираат и на конкурси за стипендии, за нострификации на дипломи и за сместување во ученички и студентски домови.

Исто така, воведена е можност за електронско информирање на родителите односно старателите на учениците за успехот, поведението и состојбата на нивните деца на училиште, додаде министерот Шаќири.

Проектот за дигитализација на услугите во образовниот сектор го имплементира Центарот за управување со промени.

„Заедно со нив, ќе биде реализирана и обуката на директорите на средните училишта, на кои, ќе им биде претставен начинот на работа на новата електронска услуга како и придобивките од истата. Успешната реализација на обуките ќе значи успешна практична реализација на новата е-услуга“, посочи Шаќири.