Набавени се 100.000 микрочипови за кучиња и мачки – домашни миленици и тие ќе бидат бесплатно вметнувани во телата на животните од страна на 135 ветеринарни друштва во земјава. Сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за пасош за животното, со кој ќе може животното да го носат во странство. Акцијата ќе трае до 31 март следната година или до потрошување на микрочиповите, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Тоа го соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, појаснувајќи дека утре на веб-страницата на агенцијата ќе биде објавена листата на ветеринарни друштва со кои е склучен договор, во која ќе стојат телефонските броеви и електронската пошта на ветеринарното друштво.

Атанасов посочи дека микрочипирањето е законска обврска и предвидени се казни за сопствениците.

– Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку не ја спроведе предвидена е санкција од 30 евра во денарска противвредност. После завршувањето на кампањата АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните домашни миленици. Затоа ги повикувам сопствениците масовно да ја искористат еднократната донација и да ги микрочипираат своите миленичиња – рече Атанасов.

Претседателот на Ветеринарната комора др. Томислав Николовски рече дека создавањето база на податоци е почеток на решавање на проблемите со домашните миленици. Појасни дека процедурата на микрочипирање е безболна.

– Тоа е безболна процедура која не носи никакви ризици, бидејќи микрочипот е во големина на зрно ориз и е направен од биокомпатибилен материјал и не создава никави реакции – рече Николовски.