Вакцините Фајзер/Бионтек | Фото: Министерство за здравство 17.02.2021 г.

Национална техничка група за имунизација против ковид-19 донесе одлука од почетокот на следната недела да започне и вакцинацијата на вработени во критичната државна инфраструктура, информираат од Министерство за здравство.

„Вкупно 4.000 вакцини ќе бидат издвоени за овие категории од првичните 24.000 вакцини кои веќе пристигнаа и со кои од утре започнува вакцинацијата на граѓаните над 75 години“, соопштија од ресорот здравство.

Оттаму додаваат дека во овие групи се вбројуваат:

  • Вработените во МВР кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот;
  • Вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи;
  • Новинари вработени во медиуми;
  • Вработени во обвинителство и судови;
  • Возачите на автобуси во ЈСП;
  • Пожарникарите;
  • Вработените воспитувачки во градинките и
  • Вработените на патарините.

Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик, се вели во соопштението.

Оттаму апелираат за трпение и разбирање бидејќи сите останати групи согласно степенот на ризик ќе бидат вакцинирани во следните фази од вакцинацијата.

Министерството за здравство уште еднаш ги потсетува граѓаните да продолжат максмално да ги почитуваат мерките за лична заштита.

Од утре со вакцините на „АстраЗенека“ ќе започне имунизација на граѓаните над 75-годишна возраст.