Од понеделник со „Фајзер“ во земјава ќе може да се вакцинираат и децата од 12 до 16 години

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Од понеделник (12 јули) на вакциналните пунктови во земјава ќе можат да се вакцинираат против ковид-19 и децата на возраст од 12 до 16 години, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. На оваа категорија на лица ќе им биде дозволено да се вакцинираат единствено со вакцините на „Фајзер“.

Филипче рече дека нема да има потреба од закажување за имунизацијата на децата, заради тоа што ќе бидат отворени пунктовите низ земјава и секаде ќе има вакцини на „Фајзер“. Доволно е да се исконтактираат медицинските лица на пунктовите, а родителите со децата треба да дојдат по своја волја за да се вакцинираат, додаде тој.

Филипче објасни дека единствена вакцина која што е препорачана во моментов за вакцинирање на деца од 12 до 16 години е онаа на „Фајзер“.

Од понеделник стартува и теренската вакцинација во нашата земја, при што Филипче додаде дека кинеската вакцина „Синовак“ ќе доминира во теренската вакцинација, поради условите за нејзино чување и дистрибуција на терен.

Инаку, нашата земја е една од земјите коишто дозволува да се вакцинираат децата против ковид-19. Србија пред речиси еден месец ја одобри вакцинацијата на деца од 12 до 15 години со вакцината на „Фајзер“, а идентична одлука беше донесена и во развиените земји, меѓу кои Канада и САД. Во САД досега речиси 3 милиони деца на возраст од 12 до 17 години беа вакцинирани со „Фајзер“ за да се спречи натамошното ширење на корона вирусот, јавуваат светските медиуми.