Скопскиот јавен превоз од понеделник (18 мај) ќе функционира непрекинато во периодот од 5 до 19 часот, информираат од ЈСП-Скопје. Заедно со укинувањето на двосменскиот режим на сообраќај на возилата, автобусите на ЈСП и на приватните превозници ќе сообраќаат по саботен возен ред. Исклучок ќе бидат градските линии 9, 19, 20 и 23, кои ќе возат по редуциран делничен возен ред.
Од понеделник ќе почнат да работат и сите билетарници и центри за персонализација на ЈСП-Скопје. Од 6 до 17 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар, во ГТЦ, кај Пошта, во Аеродром, Ѓорче Петров, Ново Лисиче, Буњаковец, билетарниците на Зелен пазар, кај пазарот во Бутел, во Маџари, Кисела Вода, Драчево, како и билетарниците кај ЈСП Дирекција, во населба Даме Груев, во Сарај, кај Дом на печат и во Карпош 4.
Од 6 до 13 часот ќе бидат отворени билетарниците кај старото кино во Бутел, Лисиче, Радишани и во Железара. Во истиот период ќе бидат отворени центрите за персонализација во Влае и во просториите на ЈСП-Турс (Градски ѕид).
Од ЈСП-Скопје ги потсетуваат граѓаните дека и натаму не важат бесплатните средношколски и студентски билети, како и бесплатниот превоз за возрасни лица во вторник, петок, сабота и недела. И натаму ќе бидат укинати трите автобуски линии (25, 25А и 25Б) што сообраќаат до Средно Водно, туристичката линија „Сити тур“, а нема работи и Жичарницата на Водно.
ЈСП-Скопје апелира на рационално користење на јавниот превоз и задолжително носење на заштитна опрема при користење на превозот согласно уредбите за заштита од Ковид-19.