Откако пратениците во Собранието на РСМ ги усвоија измените на Законот за акцизи, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги изврши измена на Одлуката од 5.04.2021 година со која се утврдени највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт.

„Одлуката доаѓа откако Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акцизите. РКЕ практично изврши усогласување на одлуката со законот што е на сила и сега малопродажната цена на екстра лесното масло за горење е изедначена со дизел горивото. Цените на нафтените деривати се прилагодени согласно новите износи на акцизи“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се зголемуваат за половина денар за литар во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката од 05.04.2021 година.

Малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) се зголемува за 3 денари за литар, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката од 05.04.2021 година.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 13,50 денари за литар.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, не се променува и истата останува на исто ниво.

Од ноќеска, максималната цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 67,50 денари за литар, додека Еуросупер БС-95 на бензинските станици ќе се продава по цена од 69,50 денари за литар. Еуродизел БС и екстра-лесното масло за домаќинство ќе можат да се набават по цена од 58 денари за литар.