fbpx

Од поевтината нафта граѓаните нема да се офајдат

-

Падот на цената на нафтата на светските берзи и намалувањето на цената на горивата на домашниот пазар, не се очекува да го растовари буџетот на граѓаните, бидејќи нема многу или воопшто нема да влијае на цените на  производитево малопродажба, сметаат експертите што ги консултираше „Мета“.

Според професорот Атанаско Туневски, падот на цената на нафтата сигурно ќе се одрази поволно на индустриите бидејќи ќе им се намалат трошоците за производство, но не верува дека тоа ќе се рефлектира и на цената на производите.

– Падот на цената на нафтата сигурно дека поволно ќе се одрази на индустријата бидејќи се намалуваат трошоците за производство. Прашањето е дали компаниите од индустријата ќе имаат волја и ќе покажат подготвеност тоа намалување на нивните трошоци да го пресликаат во намалување на цените за потрошувачите. Не верувам дека тоа ќе се случи и нема да дојде до некое осетно намалување на цените. Може ќе има во одделни сектори, но тоа ќе биде минимално – вели Туневски.

Промени во цените на производите во полза на граѓаните не очекува и професорот и претседател на Центарот за енергетска ефикасност, Константин Димитров, кој вели дека нашите компании намалувањето на цените на нафтата ќе го дочекаат со задоцнување и ќе компензираат за трошоците што ги имале додека нафтата се продавала по повисока цена.

– Падот на цената на нафтата ние ќе го почувствуваме со фазно задоцнување од околу две недели. Компаниите од индустријата сè уште имаат нафта што ја набавиле по стари повисоки цени, па оттука не очекувам некои микропромени во цените на производите. Можеби, кога ќе добијат нови количества, но не верувам дека ќе има промени. Исто така, и покрај пониските трошоци за производство, индустриите ќе гледаат да ги извагаат состојбите кога цената на нафтата била повисока, а тие не ги зголемувале цените на производите, со сегашната состојба со пониска цена на нафтата. Индустриите, во однос на цената на горивата, зависат и се врзани со одлуките на Регулаторната комисија за енергетика(РКЕ) и секако дека и состојбата на домашниот пазар зависи и од тоа – смета Димитров.

Состојбата со цените на нафтата и на нафтените деривати се рефлектира и на државниот буџет, кој се полни од приходите од наплатата на ДДВ од потрошувачката на горивата. Но, и тука експертите не очекуваат поголеми потреси.

– Што се однесува до намалувањето на приходите од данокот на додадена вредност во државниот буџет, сметам дека ниту тука нема да има некои поголеми намалувања. Данокот ќе биде помал во секој случај, но, од друга страна, поради ниските цени на нафтата, ќе се зголеми потрошувачката на гориво, па така помалиот ДДВ ќе се компензира со зголемена потрошувачка – вели Атанаско Туневски.

Изминативе неколку дена, цената на суровата нафта на лондонската берза опадна на 67,53 долари за еден барел, што е најниско ниво по октомври 2009 година. Нафтата уште поевтино се тргуваше на берзата во САД, каде еден барел можеше да се купи за 65,65 долари.

Според досегашните индикатори, до крајот на годината цените на нафтата ќе се намалат за 37 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од...