Мајки со жени и деца од Украина на железничката станица во Виена; Фото: Мета.мк

Од почетокот на војната во Украина до денеска во земјава вкупно влегле 1.924 украински државјани, додека на излез од нашата земја во овој период се регистрирани 1.365 граѓани на Украина, информираше владиниот портпарол Душко Арсовски, повикувајќи се на податоци од Министерството за внатрешни работи.

На денешната владина прес-конференција Арсовски посочи дека во земјава нема лица кои побарале статус на бегалец и сите кои доаѓаат се сместуваат кај роднини или пријатели.

„Северна Македонија не е на рутата на бегалци од војната во Украина на начин каков што гледавме претходните години во однос на бегалската криза од војната во Сирија. Независно од тоа, Владата презема конкретни чекори и беа задолжени министерствата за труд и социјална политика, за здравство, за финансии, за надворешни и за внатрешни работи да преземат мерки за организирано прифаќање на евентуални бегалци и нивно сместување“, изјави владиниот портпарол Арсовски.

Тој додаде дека Министерството за финансии било задолжено да обезбеди 120 милиони денари за хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓани на Украина кои би дошле во Северна Македонија.