Ковид-19 вакцината на Фајзер-БиоНТек фотографирани во Националниот воен медицински центар „Волтер Рид“, Бетесда, САД, 14 дек 2020 г. | Фото: Државен секретаријат за одбрана, САД CC BY 2.0, на Викимедија комонс

За да се обезбеди колективен имунитет, односно за да запре ширењето на ковид-19, како што велат во Светската здравствена организација, потребно е околу 70 отсто од населението да се вакцинира. Додека државата ги чека првите дози вакцини, Мета ги праша здравствените експерти, колку време е потребно за да се вакцинира 70 отсто од населението, со што би можеле, условно речено, да „дишеме“ послободно.

Ако се земе предвид дека максимален капацитет на вакцинирање е 2.500 луѓе на ден, како и дека имаме 32.000 здравствени работници (од кои 6.200 се доктори), за сите да се вакцинираат ќе бидат потребни 13 дена, вели проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет. Според груба пресметка, ако се земе како вистинита проценката дека досега контакт со вирусот имале околу 700.000 луѓе, а според најнова израелска студија, сите тие (дури и ако немаат антитела), сепак, ретко ќе се заразуваат по втор пат, затоа што нив ги штити клеточниот имунитет. Затоа според Даниловски, во оваа фаза, тие нема потреба да се вакцинираат.

Вакцината „Оксфорд Астра-Зенека“ | Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0, на Викимедија комонс

„Реалниот број на населението во државата е околу 1.600.000. Ако се одземат 700.000, остануваат 900.000 лица. Имајќи предвид дека британскиот мутант е позаразен и сигурно ќе стане доминантен до крајот на март, прагот на колективниот имунитет, потребен да се сопре епидемиското ширење, треба да биде најмалку 75 проценти (а не 60, колку што требаше со стариот сој). Тоа се 1.200.000 луѓе. Ако се одземат 700.000, остануваат 500.000. Од нив, 22,5 отсто (112.500) се млади под 19 години, кои не подлежат на вакцинирање. Преостануваат 387.500. Со дневна динамика од 2.500 вакцинирани, тие би биле вакцинирани за 155 дена (пет месеци). Ова е пресметка за давање само на првата доза. Се разбира, овој период пропорционално ќе биде подолг, имајќи предвид дека на секој граѓанин треба да му се даде и втора доза. Инаку, на возраст од над 65 години, се околу 290.000 луѓе во државата – вели проф. Даниловски.

Слични се и пресметките на проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет. Седумдесет отсто е 1,4 милиони граѓани, односно толку граѓани во државата е потребно да примат вакцина, за да може да се смени сликата со ковид-19 во земјава.

„Капацитетите се многу поголеми, можат да се прават и по 10.000 вакцинирања дневно. Но, ако под претпоставка утре би ги примиле вакцините, со 5.000 вакцинирања на дневно ниво, од 1 март до 15 септември би се вакцинирале 450.000 лица односно 60 отсто од сите над 40 години. Со темпото од 2.500 дневно, тие 70 отсто би ги достигнале за една година, односно дотогаш би се вакцинирале само здравствените работници, постарите лица од 60 години и хронично болните. Во секој случај, мора да се зголеми динамиката. Во Србија се вакцинираат по 30.000 лица на ден, во Израел 200.000 лица на ден. Нашите сега немаат податок колку вакцини ќе стигнат, но мора да се тежнее кон тоа да е зголемен бројот на вакцинирања на дневно ниво“, вели проф. Пановски

Ковид-19 вакцината на производителот „Модерна“ | Фото: Локална самоуправа во округот Балтимор, Мериленд CC BY на Викимедија комонс

Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека, во однос на реакциите по вакцинацијата, досега нема публикации кои укажуваат на нешто невообичаено во споредба со останатите вакцини.

„Станува збор за прилично сигурен начин и развој на вакцини. Тоа што засега се знае е дека вакцината штити од инфекција за период од шест до девет месеци“, рече тој.

Министерството за здравство соопшти дека над 25.000 граѓани ја имаат пополнето апликацијата на веб-страницата „vakcinacija.mk“, со што искажале заинтересираност за вакцинација против ковид-19). Процесот на вакцинирање ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат кога се регистрираат.