Фото: АД МЕПСО

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денес донесе нови одлуки со кои просечната цената за електрична енергија за 98,8 отсто од домаќинствата ќе се зголеми во просек за 7,4 проценти.

„Без блок тарифите цената на електричната енергија ќе се зголемеше за сите домаќинства за 17,74 отсто, наместо за сегашните 7,4 проценти за 98,8 отсто од домаќинствата. Со оваа реформа на тарифниот систем се штитат најранливите категории“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Според Бислимоски, новите цени за универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, кои ќе бидат на сила од 1 јули 2022 година се димензионирани скалесто по блокови, така што оние кои трошат помалку електрична енергија ќе плаќаат пониска цена, за разлика од оние кои имаат поголема потрошувачка ќе плаќаат поскапа електрична енергија.

Во зависност од блоковите, во зима 59,9% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,6 %, додека 35,5% ќе имаат зголемени сметки од 6,6% до 8,8%,  3,4% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,2% и само 1,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 99,5%.

Во летниот период во зависност од блоковите, 77,2% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 %, додека 21,8% ќе имаат зголемени сметки од 6,7% до 8,8%. Само 0,7% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,3% и 0,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 100%.

РКЕ соопштии дека не ги прифати сите барања на енергетските компании кои побараа значајни зголемувања на тарифите за нивните услуги и одобри многу помали проценти.

Трошоците за набавка на електрична енергија на ЕВН ХОМЕ на годишно ниво се зголемени за 57,4 милиони евра, во однос на планираното од декември 2021 година, заради враќањето на голем број  компании и јавни институции од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија, заради што ЕВН ХОМЕ мораше да направи дополнителен увоз на електрична енергија во износ од 33,2 милиони евра. Со укинување на кризната состојба, ЕВН ХОМЕ има и дополнителен трошок  за обновливи извори за енергија во износ од 9,5 милиони евра. Дополнително новата цена на eлектрична енергија што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН ХОМЕ е зголемена за 17%, од 41евра за MWh на 48 евра за MWh.

Инаку денеска, Владата на Р. Северна Македонија на последната затворена седница го задолжи АД ЕСМ да обезбеди 100% електрична енергија за ЕВН Хоме за потребите на граѓаните и малите потрошувачи за периодот јули-декември 2022г., по цена од 48e/MWh.

За зголемувањето на планот за производство земени се предвид динамиката на ископ на јаглен во сопствените рудници, можностите за нејзино интензивирање, постапките за набавка на јаглен и мазут, набавката на гас, движењето на цените и достапноста на енергенсите на регионалниот пазар, и можностите за оптимизирање на потрошувачката и заштеда на средства.

За второто шестмесечје од 2022г. ЕСМ законски може да понуди електрична енергија од само 60% од потребите, но во тој случај Универзалниот снабдувач би набавувал 40% по цена на берзите, кои стигнуваат и до 360e/MWh, што би значело енормно покачување на крајната цена за граѓаните.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here