Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите во јавноста „Елиника Хоуксис“ оповргнува лажно тврдење во грчки сајт, кој графит напишан со арапско писмо на ѕид на улица во Солун го прогласил за повик за „смрт за неверниците“. Но потрагата по вистината на „Елиника хоуксис“ утврдил дека станувало збор за пцост насочена кон едно лице (Рамиз).

Текстот со фотографија што го анализирал грчкиот сервис за борба против дезинформациите бил објавен во makeleio.gr, а преобјавен на oxafies.com и споделуван на повеќе налози на Твитер. Во него се тврдело дека „нелегални имигранти улицата И. Колетис во Солун испишале слоган „Смрт на неверниците“, мислејќи на немуслиманите.

„Елиника Хоуксис“ направил анализа на испишаниот текст, со која утврдил дека станува збор за текст од три збора, од кој првиот е „Рамиз“ а вторите два се пцост, односно оти е неточно тврдењето дека графитот повикувал на „смрт за неверниците“.

Интересно е што анализата е прилично обемна, со обемно објаснување на значењата на зборовите и буквите, во кои воопшто не се среќава зборот „кафир“, кој во арапскиот јазик оначува „неверник“.