fbpx

Од Нова година, нов данок за увоз на стари возила

-

Од почетокот на следната година се воведува нов данок за увоз на автомобили со примената на новиот Закон за данок на моторни возила, најави министерката за финансии Нина Ангеловска. Мерката има за цел да се намали аерозагадувањето предизвикано од сообраќајот.

Износот на оданочувањето ќе зависи од тоа колку увезеното возило загадува. Електричните автомобили се изземени од данокот, за хибридните возила ќе се плаќа само половина од износот, а за одредени бизниси постојат даночни олеснувања и поврат на средства.

Износот на данокот кој треба да се плати при увоз на возила во вредност до 10.000 евра ќе се пресметува според нивото на емисии на јаглерод диоксид на возилото. Пониска даночна стапка ќе плаќаат и возилата со бензински мотори во споредба со оние со дизел мотори. Данокот за увезено возило кое чини 10.000 евра и емитува 130 грама јаглерод диоксид на километар, а е со бензински мотор, ќе изнесува 6.500 денари. Ако возилото е со истите карактеристики, но со дизел мотор, данокот ќе биде двојно повисок, 13.000 денари.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција заедно со директорот на царината Ѓоко Танасоски, посочи дека овие мерки се еден вид одговор на притисокот на граѓанскиот сектор за загадувањето на животната средина, но станува збор за „системско, а не ад хок решение“.

„Притисокот на граѓанскиот сектор за загадувањето на животната средина е жесток и со право, зашто за здравјето нема алтернатива“, рече Ангеловска додавајќи дека минатата среда пратениците го изгласаа новиот Закон за данок на моторни возила со кој се воведува принципот: ако возилото помалку загадува, за него има помал данок.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски најави дека конкретните измени на исплатата на данокот за увоз на возила се предвидени со нова Уредба, а мотивирањето на граѓаните да набавуваат возила што помалку загадуваат ќе биде заедничко залагање на повеќе институции каде се планира спроведување на посебни мерки. „Сегашните бројки упатуваат на тоа дека 82 проценти од набавуваните возила се половни, а само 18 проценти нови возила“, посочи Танасоски.

Уредбата со новите царински давачки денеска помина на седница на Владата, со што официјално примената на овој данок ќе започне за неколку дена, односно од 01 јануари 2020 година.

Според министерката Ангеловска, идејата на ваквите мерки е да се обнови возниот парк кој е стар меѓу 15 и 18 години.Таа очекува приходите од новиот данок следната година да бидат еднакви на приходите од наплата на акцисите за возилата во 2019 година.

Покрај тоа, одредени возила, како оние што се користат за прва помош и погребални услуги ќе бидат изземени од давачки при увоз на нови возила. За такси возилата пак, државата ќе враќа 25 отсто од данокот при увоз на нови возила. Процентот на поврат на данокот за увоз на нови возила со 8 или 9 седишта ќе биде 80 отсто.

Увозот на електрични возила е целосно ослободен од данок, додек за увоз на хибридни (plug in) возла ќе се плаќа само половина од данокот.

Според возниот парк во државата, процена е дека просечната емисија на ЦО2 е околу 170 гр./км. Границата која е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 гр./км CO2.  Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 гр./км CO2. На ниво на ЕУ, автомобилите се одговорни за околу 12 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид, главен стакленички гас.

Мета.мк редовно пишува за проблемот со увозот на стари возила во земјава кои не ги исполнуваат стандардите за емисии на штетни гасови на Европската унија. издувните гасови од увезените стари возила.

Првичната идеја на властите беше категоризацијата на возилата да се прави според годината на производство, и параметрите на новото возила, но беше доста критикувана со препорака категоријата да се однесува на тоа колку возилото вистински загадува.

Увозот на стари возила во земјава нагло се зголеми откако претходната влада, во март 2010 година дозволи увоз на возила кои не мора да ги исполнуваат европските стандарди за загадување. Оттогаш наваму увезени се околу 400.000 користени возила.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, половина од возилата кои се учесници во сообраќајот возат на дизел, додека дури 90 отсто од автобусите и 80 проценти од товарните возила во земјава се со дизел мотори.

Голем број од увезените користени дизел возила веќе се неупотребливи во земјите на ЕУ од каде се донесени, бидејќи таму нивното движење е строго ограничено, а некаде и целосно забрането.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.