Со формулацијата „Немири во Скопје: Македонците прават нереди поради доаѓањето на турскиот претседател Ердоган“ српскиот портал „Дневно.рс“ пласираше крајно неумесен обид за да се привлечат што е можно повеќе читатели со бомбастичен наслов.

Тој е ставен над една нормална статија, всушност пренесена вест од српската новинска агенција „Бета“ за посетата на амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара на Охрид, односно на реконструираниот објект на Алипашината џамија, кога таа најави дека на свеченоста за пуштањето во употреба на џамијата ќе допатува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

И додека пренесената агенциска вест едноставно ги изнесува фактите, без какви било драматизирања, наведувајќи само дека имало бурни реакции меѓу граѓаните на Охрид за реконструкцијата на џамијата од 15. век, како и реагирања од здружението „Совест“ за изградба на 25-метарското минаре во централното градско јадро.

И на сето тоа, надвор од новинарските стандарди и основната логика, „Дневно.рс“ кова наслов кој, во лов за повеќе кликови, изнесува целосни дезинформации и поттикнува меѓуверска и меѓунационална омраза.

Притоа, во ниту еден момент не се случил ниту еден јавен, дури и најмал протест против доаѓањето на Ердоган, а камоли немири „во Скопје“ поради џамијата во Охрид.