Од малите хидроцентрали на Шара нема никаква корист освен профит за сопствениците

Да запре планирањето и изградбата на мали хидроцентрали и издавањето на концесии за Шар планина, апелираат еколошките организации во земјава. Овие енергетски објекти даваат минимален придонес во вкупниот енергетски биланс на земјата, но прават огромна штета на потенцијалот на реките, кој зафатен од климатските промени, сè помалку ги задоволува потребите за вода на локалното население и живиот свет во околината. Предлогот за прогласување на Шар планина за национален парк, сметаат тие, треба да придонесе за заштита и конзервирање на вредностите на овој локалитет, во што значајно место заземаат и водите.

На Шара веќе постојат и функционираат поголем број хидроенергетски објекти, од кои најзначаен е хидросистемот „Шарски Води“, комплетиран кон крајот на седумдесеттите години од дваесеттиот век. Тој веќе има сериозно влијание врз хидрологијата бидејќи ги собира водите од реките од околу една третина од должината на Шар планина. Кумулативните ефекти и притисокот врз водниот потенцијал се зголемува кога на тоа ќе се додадат бројните мали хидроцентрали, зафатите за вода за пиење и загадувањето на водотеците кои доаѓаат од селата, викенд населбите, бачилата…

Податоците од мерните станици покажуваат континуирано намалување на протокот на нашите реки, вели проф. д-р Славчо Христовски од Институтот за биологија на ПМФ и претседател на Македонското Еколошко друштво, за што има повеќе причини, меѓу кои се и климатските промени. Тоа сериозно влијае на сите екосистеми, шумите, пасиштата, ливадит, а зафатите на реките со себе носат ризик и за нарушување на природните процеси и опасност од свлечишта, порои, засилена ерозија и други ризични настани, кои веќе однесоа животи на Шар Планина.

„Заради тоа, сметаме дека изградбата на мали хидроцентрали на Шар Планина треба да запре. Ова е став на повеќето еколози во Македонија кога станува збор за заштитените подрачја, но и за целата наша територија. Јас го сметам производството на електрична енергија од малите хидроцентрали само како доходовен бизнис во Македонија од кој имаме мала корист, незначително производство на електрична енергија, а со себе носи неповратна деградација на највредните и најубавите кањони и клисури во Македонија. Сведоци сме на бројни реки кои во летниот период се оставени без вода заради различните зафати. Малите хидроцентрали се во целосна спротивност и со напорите за развој на туризмот на нашите планини“, дециден е Христовски.

Екологистите, вели Антонио Јовановски од невладината организација „Гоу грин“, не ја сметаат хидроенергијата како зелена енергија, поради деструкцијата на биодиверзитетот, промената на еко-системите и влијанието врз локалното население кое се случува поради изградбата на хидроцентралите.

„Ние сме против изградба на хидроцентрали на Шара и концесиите за изградба на мали хидроцентрали треба да се раскинат. Особено ја гледаме штетна инвестицијата во мали хидроцентрали поради тоа што климатските промени во нашата земја влијаат врз намалување на водните ресурси. Од инвестиции во мали хидроцентрали краткорочна корист би имале само бизнисмените, а долгорочната штета останува за биодиверзитетот и локалното население“, посочува Јовановски.

Напорите за прогласување на Националниот парк „Шар Планина“, сметаат екологистите, се во насока да се подобри состојбата со водите на планината, односно да се зачуваат реките кои во моментов се во природна состојба и да се врши мониторинг на водотеците на кои се наоѓаат различни зафати. На тој начин, ќе се обезбеди квалитетна вода и услови за зачувување на богатиот жив свет, но и квалитетна вода за пиење и други потреби за локалното население.

„Заштитените подрачја имаат секогаш за цел да обезбедат подобри услови за живот за локалното население и не ги фаворизираат проектите кои значат искористување на ресурсите за различни бизниси и компании надвор од подрачјето. Мораме да ги зачуваме нашите реки и да имаме чиста вода за есенцијалните потреби на населението. Со прогласувањето на Националниот парк „Шар Планина“ ќе продолжи функционирањето на постоечките хидроенергетски објекти, но со зголемен мониторинг за да се обезбеди почитување на законската регулатива и подобрување на состојбата со природата“, вели Христовски.