Фото: Фејсбук-профил Венко Филипче

Министерството за здравство информира дека, од починатиот донор од кој беше направена трансплантација на срце, два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа.

„Во понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином, кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези, ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава,“ се вели во соопштението.

Тимот кој учествуваше во трансплантацијата на срцето е од некоку кардиохируршки центри.

„Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина. Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката. Голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други,“ се додава во соопштението.