Извор на фотографија: Влада на РСМ (јули 2020)

Патниците од Србија кои во Северна Македонија ќе влегуваат со автомобил, од денеска на граничниот премин Табановце добиваат бесплатна картичка со 760 денари, за плаќање на патарините во двата правца на автопатот „Пријателство“, од Куманово,  до грчката граница Богородица.

„Од 15 јуни почнува делењето на М-смарт картичките за српските туристи на граничниот премин Табановце и кои транзитираат по Коридорот 10, на наплатните пунктови со електронски систем на плаќање. Картичките ги дели Министерството за внатрешни работи“, пренесе српскиот канал Н1, според информации од македонската Владата.

Јавното претпријатие за државни патишта вчера ги предаде првите 60-тина картички на граничкиот премин Табановце.

Според одлуката на Владата, за патниците од Србија се наменети 200.000 „наполнети“ електронски М-смарт картички за плаќање на патарините во претстојната сезона, од 15 јуни до 15 август. За нив од буџетот ќе бидат потрошени 172 милиони денари или околу 2,8 милиони евра.

Патниците добиваат по една картичка за автомобил, што се контролира од МВР и од Јавното претпријатие за државни патишта. Картичките остануваат во трајна сопственост на српските државјани кои ќе можат да ги дополнуваат преку системот „е-кард“, за најмалку 300 денари, и ќе им служат при следното влегување во Северна Македонија.

Проценката за бројот на потребни картички за српските туристи во летна сезона, направена е врз основа на податоците од 2019 година за бројот на возила кои транзитирале низ Северна Македонија.

Владината одлука за бесплатна патарина за српските граѓани е знак на благодарност на Србија за вакцините против ковид-19 што ѝ ги даде на земјава, како и за бесплатното вакцинирање на македонските граѓани.