fbpx

Од денеска уверение за државјанство ќе може да се вади и во електронска форма

Целта е до крајот на 2023 година да се дигитализираат над 150 услуги преку Националниот портал, вели министерот за информатичко општество и администрација Алиу

-

Македонските граѓани од денеска ќе можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и мобилен телефон. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објасни дека барањето за уверение за државјанство се поднесува во електронска форма, во лично име или за своето малолетно дете, а услугата е достапна на сајтот www.uslugi.gov.mk, во лични документи и исправи, државјанство.

„Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги”, објасни Спасовски.

Цената на чинење изнесува 150 денари, и тоа 100 денари се административна такса и 50 денари за образец, а истата може да се плати електронски во моментот на поднесување на барање за Уверението за државјанство во електронска форма.

Тој додаде дека досегашниот начин на издавање на уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава, лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи, независно каде лицето има пријавено живеалиште.

Инаку, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на настанот во просториите на „Една Точка за Услуги”, проект на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), каде што се соединуваат сите државни институции, со цел поедноставување на пристапот на граѓаните до институциите и услугите кои ги нудат.

На настанот свое обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, а по повод отпочнување на процесот на дигиталната трансформација на услугите за граѓаните.

Министерот Азир Алиу денеска ги објави и дигиталните услуги, на кои МИОА ќе работи врз основа на Програмата и Националната Стратегија за дигитална трансформација на државата. Целта е до крајот на 2023 година да се дигитализираат над 150 услуги преку Националниот портал.

„Цениме дека преку дигитализација ќе ги подобриме услугите кон граѓаните, во реално време, со намалено влијание од страна на администрацијата, за која за жал до сега имаше одолговлекување во однос на добивање сервиси“, вели Алиу.

Инаку, во просториите на „Една Точка За Услуги“ само во 2022 година се издадени 4.000 предмети од шалтерот на МВР, а годинава заклучно со 1 мај издадени се 600 предмети. Предметите опфаќаат Уверение за државјанство, потврда за последен адресен податок, потврда која служи во социјално за прво родено дете, како и за второ и трето дете, потврда за непоседување на моторно возило, како и многу други потреби. Сите документи на шалтерот на МВР се издаваат веднаш.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Атлантик: Со среќа во борбата против дезинформации

Угледниот американски магазин Атлантик објави опширен напис, во авторство на Квинта Џуресик, со наслов „Со среќа во борбата против дезинформациите“. Сторијата се однесува на Ник Сојер, доктор во Калифорнија....