Фото: Архива на Мета.мк

Од денеска скопјани имаат потопли радијатори, уверуваат од Балкан енерџи груп (БЕГ), најголемиот снабдувач со топлинска енергија во Скопје. Завршена е редукцијата на испораката на топлина, која започна на 27 октомври и траеше до вчера, а причината за тоа беа ремонтите на мрежата и намалената испорака на гас од Бугарија.

„БЕГ ги известува своите потрошувачи дека, како резултат на нормализираната испорака на природен гас во државата, од денес 30.10.2020 година, состојбата со испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење се реализира непречено, според мрежните правила за испорака на топлинска енергија. Во изминатите три дена топланите работеа со редуцирана испорака, поради ограничување на количините на природен гас на топланите за 10 проценти“, соопштија од БЕГ.

Според БЕГ, редукцијата на топлинската енергија не предизвикала значително намалување на нивото на комфорот на потрошувачите и на внатрешната температура во објектите и дека средната дневна внатрешна температура во објектите не паднала за повеќе од 1 степен целзиусов, од пропишаната (20+1) степен целзиусов.

Инаку, ограничувањето на транспортот на природен гас во изминатите три дена беше поради изведувањето ремонтни активности на транзитниот гасовод, крак, од Бугарија кон Македонија, што ги реализираше бугарскиот оператор на системот за пренос на природен гас „Булгартрнасгаз ЕАД“. Поради тоа, и АД ГА-МА мораше да испорачува во тие три дена помали количества на енергија низ системот, за што БЕГ беше информиран една недела порано.

Информација за ремонтите на гасоводот од бугарска страна, беше објавена и на веб страницата на „Булгартрансгаз“, на 2 октомври годинава, заедно со другите планирани и тековни зафати на гасоводите низ Бугарија, што е причина за прекини или ограничување на услугите за компаниите во преносниот капацитет.