fbpx

Од денеска поскапува струјата и стартува новата пресметка според четири тарифи

-

Од денеска се применува нов систем за пресметка на потрошената електрична енергија за кој се пресметуваат нови цени, што на домаќинствата ќе им донесе зголемени сметки за струја. Пресметката на скапа и евтина тарифа, која се користеше досега, се заменува со воведување на четири блок тарифи во скапа струја, секоја со различна цена.

Досега, за потрошен киловат во скапата тарифа, граѓаните плаќаа 7,32 денари, а во евтината 3,67 денари. Сега евтината струја, која продолжува да се пресметува од 22 часот навечер до седум часот наутро, ќе чини 3,92 денари. За скапата струја, пак, најмалку ќе се плаќа во првиот блок до 210 киловатчаса, 7,72 денари. Вториот ќе се пресметува за потрошени од 210 до 630 киловатчаса и киловатчас ќе чини 8,07 денари, третиот од 630 до 1050 киловатчаса чини 8,66 денари по кв/ч и четвртиот, за најголемите потрошувачи е најскап и се пресметува над 1050 киловатчаса, по нова цена од 17,5 денари по кв/ч.

Од Владата денеска велат дека тарифната реформа за пресметка на цената на струјата се воведува во услови на енормен раст на цената на електричната енергија на светските берзи и заради заштита од ценовен шок.

„Тоа е еден вид на праведен данок, оние кои што трошат помалку, ќе плаќаат помалку, за разлика од оние кои што трошат повеќе ќе плаќаат повеќе. Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користењето на електричната енергија. Новото праведно тарифирање е резултат на широка транспарентна и јавна експертска дебата со вклучени чинители во енергетскиот сектор“, соопштуваат од Владата.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски најави дека кај над 98 проценти од домаќинствата ќе има зголемување на сметките за струја меѓу шест и осум проценти, или во просек 7,4 отсто, а воведувањето на различните тарифи се прави за да се заштитат најранливите и најсиромашните, кои и трошат најмалку.

„Доколку не беа воведени блоковите, зголемувањето ќе беше 17,74 проценти. Вака во првиот блок, зголемувањето е 5,5 проценти, 10,3 проценти за вториот, 18,3 проценти за третиот блок и 138,7 проценти за четвртиот блок. Се зголемува и цената на ефтината тарифа и за 8,69 проценти“, рече Бислимоски.

Рестрикции на струја ќе нема, иако ќе биде тешка зима не само за Македонија туку и за регионот и глобално поради криза во енергетиката, смета министерот за економија Крешник Бектеши.

„Се прават сите подготовки посебно од страна на ЕСМ за да го зголеми производството и согласно нивниот доставен план веќе е зголемено производството. Во однос на цените најголемиот товар ќе падне на тие што греат базени, што трошат колку што трошат 100 просечни домаќинства во државата месечно. Во делот на просечните граѓани, оние кои трошат просечно согласно сите параметри и нивните потреби, за нив можеби ќе има и помали сметки со воведување на блок тарифите. Секако дека сите треба да бидеме свесни и посветени да се обидеме да заштедиме што повеќе елетрична енергија зашто ова не е криза само на  Македонија, ова е глобална криза,“ истакна Бектеши.

Со новините, јасно е дека од денеска, оние кои трошат повеќе ќе можат да очекуваат и подебели сметки, а поштедливите ќе плаќаат помалку. Сепак, и покрај тоа новиот тарифник предизвика доста реакции кај јавноста, особено заради утврдувањето на границата на првиот блок. Многу од граѓаните негодуваат бидејќи сметаат дека просечно семејство кое во зимските месеци се затоплува на струја не може да остане со потрошувачка под 210 киловати месечно во скапата тарифа.

Граѓаните се незадоволни заради фактот што неколку години наназад се спроведува кампања за замена на печките на дрва и другите грејни тела кои се докажани загадувачи и се мотивира затоплувањето на струја со доделување субвенции за инвертер клими, за сега да се зголемат цените и тоа особено на скапата тарифа. Граѓаните негодуваат и заради новиот начин на пресметка што велат дека е комплициран и доведува до забуни. Регулаторите, пак, советуваат да не се стравува од новата пресметка и да се користи калкулаторот на веб страната на РКЕ каде може да ги пресметаат сумите за потрошените киловати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има...