Од денеска нови цени на услугите во Агенцијата за катастар

Минатата недела во „Службен весник“ беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75%

Фото: Архива на Мета.мк

Од денес стапуваат на сила новите намалени цени за дел од услугите на Агенцијата за катастар на недвижности. Минатата недела во „Службен весник“ беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75%.

Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5.000 денари. Со новите промени, таа услуга ќе чини 1.250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина.

Со намалувањето се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1250 денари, а не како досега, за секој имотен лист по 1250 денари.

Во следниот период, како што велат од Агенцијата за катастар, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат подостапни за граѓаните и правните лица.