Од денеска ќе има контроли во супермаркетите кои ќе покажат дали се изигруваат законите во врска со цените на производите, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање зас тоа, што поточно се разговарало во Владата на состанокот на тема – цените во маркетите. Тој се состанал со министерот за економија и труд, заменикот, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат, а на средбата биле договорени следни чекори и мерки.
„За време на вчерашната прес-конференција, на самата иста прес-конференција беа потенцирани два ланци на маркети кои можеби прават одредени изигрувања на законите и процедурите и денеска истите тие ќе подлежат на ригорозна контрола во следните денови. Имаме отприлика околу 20.000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба да длабоко се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе бидат подложни на ваков тип на контроли, бидејќи стандардот на граѓаните е наш приоритет“, рече тој.
Во врска со цените денеска реагираше и пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски, кој кажа дека власта не знаеше како треба да се го срочи законското решение, за предложениот закон за инспекциски надзор, па затоа сега пазарниот инспекторат оди и дава опомени, а трговците немаат можност да бидат казнувани, туку си продолжуваат со високите цени.
„Носењето на вакви законски решенија, на брзина, како и одлуката на претседателот на Собранието да носи законски решенија по секоја цена, без да води сметка, сега тоа не доведува до една ваква ситуација. На 25 декември, беше предложен закон за инспекцискиот надзор, и тогаш претседателот на собранието, а и денес очигледно, не послуша кога кажувавме дека има пропусти во законскиот текст, и дека нема да може да ги завршат обврските, онака како што треба. Затоа сега имаме ситуација во која инспекторатите не се дел од министерства, вработените во инспекторатите не земаат плата, инспекторатите не можат да вршат надзор, на пример пазарниот инспекторат сега оди и дава опомени, а трговците немаат можност да бидат казнувани, туку си продолжуваат со цените“, рече Спасовски.
Тој укажа дека не може на секој две недели да се свикува седница на собрание, којашто чини 30 илјади евра, за ист закон.
„Очекувам дека за две недели ќе треба да има нова седница, за истиов закон. Седнете и читајте ги добро законските решенија. Да прекинеме со праксата заради којашто, заради итни потреби, а при тоа, несогледливо е она што треба да се направи, или она што сакате да го направите, а не можете да го направите, не доведувате во ситуација да имаме итни седници, скратени постапки, брзање во носењето на одлуките и на крај немаме решение“, рече Спасовски.