Од денеска аплицирање за субвенциониран оброк за студентите кои досега не го оствариле ова право

Илустрација: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека од денес до 31 јануари повторно е достапна можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, за студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и/или да го остварат ова право до сега.

Оваа можност е достапна секој месец и тоа од 20-ти до 30-ти, односно 31-ви во месецот, информираат од МОН.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите им се олеснува животот за време на студирањето преку овозможување на средства од по 2.400 денари 9 месеци во годината наменети за купување здрави оброци.

„Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата“, информираат од Министерството за образование и наука.

Досега, правото на субвенциониран студентски оброк го остварија над 27.000 студенти на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.