Со обезбедените средства од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања, до крајот на годинава ќе се преземат брзи мерки за подобрување на состојбата со гостиварската депонија Русино, информираат од Центарот за развој на Полошкиот регион.

„Со брзите мерки е предвидено изградба на систем за управување со исцедок со кој преку мрежа на насипи и ровови ќе се оневозможи доток на поројни води во депонираниот отпад, потоа ќе се оневозможи истекување на исцедокот надвор од локацијата, преку негово собирање и рециркулација назад во телото на отпадот, со што значително ќе се намали негативното влијание врз околината. Покрај ова, во рамките на брзите мерки се предвидува и инсталирање на вага со која точно ќе се утврдуваат количините на отпад што пристигнуваат на локацијата“, се вели во соопштението на Центарот за развој на Полошкиот регион.

Сепак, во соопштението нема информации за конкретни активности што ќе се преземат за да се престане со палењето на депонијата Русино и аерозагадувањето на Гостивар што е предизвикано од ова. Во изминативе месеци протестите во Гостивар против депонијата Русино се одвиваат во континуитет, а поддршка летово тие добија и од Општина Гостивар и тамошниот градоначалник Арбен Таравари. Нивното основно барање е да се прекине палењето на депонијата Русино, но и да се дислоцира депонијата на нова локација.

Регионалната депонија Русино ја користат девет општини од Полошкиот регион, а одлагањето и третманот на сметот на оваа локација треба да продолжи со реализацијата со Проектот за интегрирано управување со отпад. Проблемот со Русино е сличен на судбината на идните депонии во останатите региони од државава, кои се блокираат со реализација токму поради незадоволство и неинформираност на граѓаните во општините каде што тие треба да се градат, по примерот на Дебрца во Југозападниот регион и Свети Николе во Североисточниот регион.

Од Центарот за развој на Полошкиот регион информираат дека веќе е формирано меѓуопштинско регионално претпријатие за управување со отпад за овој регион, кое се очекува наскоро да почне со работа.

„Работата на регионалното претпријатие за управување со отпад ќе биде финансирана од сите општини во Полошкиот регион и јавните и приватни компании за собирање на отпад преку наплата за депонирање на отпад. Депонирањето на отпадот ќе се наплаќа по тон, а за таа цел ќе се инсталира вага на влезот на депонијата Русино“, се вели во нивното соопштение.

Во текот на првата фаза од проектот, подготвен е Регионален план за управување со отпад во Полошкиот Регион кој веќе е одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање и сега се очекува да биде усвоен од советите на секоја од општините во регионот.

Од Центарот за развој на Полошкиот регион појаснуваат дека ваквиот документ треба да го усвојат сите општини од Полошкиот регион, вклучувајќи ја и Општина Гостивар. Усвојувањето на Регионалниот план е основа и предуслов за обезбедување на финансиски средства потребни за реализација на инвестициите планирани во втората фаза од проектот.

„Во соработка со проектанти од Германија кои се дел од проектниот тим, во тек е подготовка на проектна документација за изградба на санитарна депонија за цврст неопасен отпад на локација Русино. Целта на нивната работа е да обезбедат технички мерки за подобрување што ќе доведат до надградба на Русино во санитарна депонија што вклучува системи за собирање и третман на исцедок, собирање и искористување на депонискиот гас и инсталирање на систем за заштита на почвата и водите што целосно ќе спречи излевање на загадените води (исцедоци) од локацијата или инфилтрирање во почвата“, информираат од Центарот за развој на Полошкиот регион.

Започната е и постапка за оценка на влијанието врз животната средина за изградба на санитарна депонија за цврст неопасен отпад во Русино, чија цел е утврдување на потенцијалното влијание од овој проект и обезбедување на неопходните мерки за заштита.