На 6 ноември (четврток), со почеток во 19 часот, во фоајето на Музејот на македонската борба, ќе се одржи модна ревија под наслов „Модните трендови и културата на живеење од „ала франга“ до современа мода“.

Организатор на ревијата е НУ Музеј – Куманово, во соработка со  Музејот на македонската борба – Скопје. Преку фотографии и оригинални примероци, ќе биде  презентирана облеката кај старите кумановски семејства од почетокот на 20 век, а настанот ќе продолжи со модели од современи модни креатори кои се инспирирале од европската мода „ала франга“ од овој период.

Публиката ќе може да ги види креациите на Ненад Секирарски и на Александар Рашковиќ. Дел од модната ревија ќе биде и концертот на квартетот флејти „Аулос“.
Ревијата „Модните трендови и културата на живеење од „ала франга“ до современа мода“ се одржува во рамки на одбележувањето на десетгодишнината од Форумот на словенски култури – организација чија цел е промоција на науката, уметноста и на културата на словенските земји во Европа.