Од 800 до 10.000 евра казна ако не се почитува одлуката за цената на тестенините и на млечните производи

Казните ќе зависат од видот и големината на економскиот оператор, а трговците имаат доволен временски период за да ги прилагодат цените, соопшти Државниот пазарен инспекторат

-

Казните за непочитување на владината одлука за намалување на цените на тестенините и на млечните производи ќе изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од видот и големината на економскиот оператор, соопшти Државниот пазарен инспекторат.

Инаку, цената на тестенините ќе се намали за 8-9 денари, односно минимум за 15 отсто, а намалување на цените од најмалку 10 отсто ќе има и за млечните производи, соопштија вчета на заедничката прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши.

Цената на шпагетите и макароните ќе се намали од 13 март и ќе биде на сила до 31 мај, додека цената на млечните производи ќе биде намалена од 17 март.

„Ова е доволен временски период за трговците да ги прилагодат цените. Апелираме да се почитуваат одлуките, затоа што во спротивно, без селекција, ќе следат казни, кои според Законот за трговија се исклучително високи. Исто така, апелираме, доколку граѓаните забележат било какви неправилности кои се поврзани со цените на производите веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат“, велат од ДПИ.

Цената на тестенините се намалува за 10 отсто и се укинуваат царинските давачки / Фото: Мета.мк

Оттаму напоменуваат дека инспекторатот ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со одлуките, но дека нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.

„Пазарниот инспекторат е постојано на терен со сите свои расположливи ресурси и ќе продолжи да врши надзори во согласност со законските надлежности, но и ќе постапува по одлуките на Владата. Во случај да се утврди прекршување на одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија. Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор. Затоа апелираме да се почитуваат одлуките“, се вели во соопштението на ДПИ.

Владата на вчерашната седница ги намали цените на шпагетите и макароните за 15 проценти, во однос на цените што ги имале овие производи на 1 март годинава. Со оглед на тоа што во земјава не се произведуваат шпагети и макарони, за овие производи се укинуваат и царинските давачки за увоз. Па така, ако со постоечките царински давачки макарони чинеле околу 49 денари, со намалувањето би чинеле околу 41 денар.

Понатаму, за 10 отсто се намалува цената на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урда; кравјo бело сирење и мешано бело сирење; кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан); кисело млеко; павлака и јогурт, без додатоци.

Ова е втора одлука за замрзнување цени на прехранбени производи, откако на 28 февруари годинава владата донесе одлука за ограничување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

Следни продукти за кои ќе се разговара за намалување на цените се шеќерот, јајцата од кокошка и оризот.

Путин не е цар на православието и не придонел за постоењето на Македонија

Објава на Фејсбук му го честита 72-от роденден на рускиот претседател Путин, тврдејќи дека без него дури не би постоела Македонија, па дури ни православието, чиј лидер или цар...