fbpx

Од 17,2 милиони евра помош за компаниите, Владата очекува дополнителни 90 милиони евра инвестиции

-

Неповратната финансиска помош во висина од вкупно 17,2 милиони евра на 400 домашни компании ќе им биде на располагање за околу 15 дена, откако наредната недела во Министерството за економија ќе се потпишат посебните договори со избраните компании. Станува збор за исплата на 25 отсто од вредноста на инвестициите кои ги реализирале компаниите од март годинава и од оние кои ги планираат до крајот на оваа и наредната година. Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, на заедничката конференција во Владата со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, овие средства треба да донесат дополнителни 89,2 милиони евра инвестиции, според плановите што ги имаат овие 400 компании.

„Од пристигнатите над 700 апликации за финансиска помош, беа одобрени 400 и со тоа се заокружи една од главните мерки од третиот пакет мерки, чија цел е да се зголеми конкурентноста на деловните субјекти и да се зголеми инвестицискиот циклус. Ќе продолжиме со нови мерки и законски измени во делот на инвестициите“, рече Бектеши.

Тој додаде дека некои сектори не се опфатени со овој пакет мерки, како што е на пример хотелиерството, кое е сега изземено од оваа помош, но дека таа дејност ќе биде помогната со други мерки, меѓу кои враќање на нивото на туристичката такса од она во 2019 година и слично.

Премиерот Заев, посочи дека одлуката на Владата за финансиска поддршка на компаниите кои инвестираа во овој кризен период е од голема важност и оваа мерка од третиот пакет се однесува на трговски компании, фирми од преработувачката дејност и ИТ секторот, со цел нивно полесно заздравување во новонастанатата состојба, побрзо рестартирање и ревитализирање.

„Речиси 70 отсто од финансиската поддршки од досегашните четири пакет-мерки на Владата се насочени кон мали, микро и средни претпријатија кои се најбројни и имаат значителен број на вработени. И во иднина ќе продолжиме така, со кредитни линии и грантови со кои ќе се опфатат самостојните уметници, приватните стоматолози, приватните градинки и слично“, изјави Заев.

Во врска со новите економски промотори кои ќе заминат во странство, Заев рече дека станува збор за економски советници кои во дипломатско конзуларните претставништва низ светот, заедно со амбасадорите, ќе ги промовираат нашите можности за инвестирање пред странските компании, со цел да се привлечат нивните инвестиции. Тој најави и дека е во тек подготовка на документацијата за продажба или за јавно приватно партнертство за Македонски пошти, Македонски железници-транспорт и ТЕЦ Неготино.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, образложи дека со предлог-буџетот за 2021 година, во вкупните планирани расходи од 4 милијарди евра, капиталните инвестиции зафаќаат 9,4 отсто или се зголемени за 20 отсто во однос на буџетот што беше планиран за годинава. Но, дека сега се воведени механизми на квартално ниво, со кои ќе се следат постапките и реализацијата на капиталните инвестиции, во смисла, доколку не се оствари инвестицијата или се реализира во помал обем, да се одземат доделените средства, и обратно.

„Целта е да зајакнат инвестициите во инфраструктурата и да се безбеди поголем економски раст, и покрај тоа што буџетот е донесен во време на ковид криза и на прво место во државава се здравствените мерки“, рече Бесими.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Според извештајот на Обединетите нации, климатските промени веројатно ќе донесат ризици по безбедноста и здравјето на повеќе од 70 отсто од светската работна сила, пренесе германската новинска агенција ДПА. Меѓународната...