Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Главниот координативен ковид-19 кризен штаб ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, почнувајќи од 1 јуни 2021 година.

Мерки кои се прифатени вкулучуваат укинување на мерката за носење на заштитна маска на отворено со препорака за носење на маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и  во сите затворени простори.

Другата мерка е да се дозволи присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти, од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1,5-2 метри (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од ковид-19.

„Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица. Да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол.Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата  на масата. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина (член 3 т. 14 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19.
Продолжува да важи мерката за полициски час до 15 јуни,“ се вели во соопштението.

Одлуките биле донесени имајќи ја предвид поволната моментална епидемиолошка состојба со ковид-19 во државата, која се карактеризира со намалување на 14-дневна инциденца (бројот на новонастанати случаи) на позитивни случаи, намалување на позитивни тестови во однос на вкупен број тестирани лица, намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.