Од 1 јули домаќинствата ќе можат да произведуваат струја од фотоволтаици и да ги продаваат вишоците

Image by Roy Buri from Pixabay

Домаќинствата и компаниите кои произведуваат струја од обновливи извори на енергија од 1 јули ќе можат да ги продаваат вишоците на пазарот. Министерот за економија Крешник Бектеши ги потпиша измените и дополнувањата на Правилникот за обновливи извори на енергија, со кои се предвидува производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка.

Обврската на универзалниот снабдувач – ЕВН хоум ќе биде да ја преземе струјата произведена од оние домаќинства и компании кои ќе вградат фотоволтаични (фотонапонски) електрани, а на секои шест месеци ќе треба да се направат дополнителни фактури каде што ќе им се намалат сметките за струја или ќе им се плати за произведената струја од сонцето.

До овој момент, инсталираната моќност на фотонапонските електрани била четири киловати за домаќинствата, а сега е зголемена на шест киловати. За малите потрошувачи била 20 киловати, а сега е зголемена на 40 киловати, информираше министерот Бектеши.

Ова значи дека граѓаните и правните лица ќе може да произведуваат електрична енергија од обновливи извори на покривите на своите домови, додека произведената струја да ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот од произведената електрична енергија да го продадат.

„Дополнително, како Министерство за економија, согласно Буџетот кој е предвиден, а не е скратено со ребалансот, ќе почнеме и со мерка каде што до триесет отсто од трошоците за инсталирање вакви технологии на крововите на домаќинствата ќе ги покрие Министерство за економија до 1.000 евра“, изјави министерот Бектеши.