Очевидец кој бил само неколку метри од убиецот во Осло зборува за Порталб.мк

-

Раните утрински часови во саботата, во Осло, Норвешка, се претворија во кошмар за многу граѓани кои случајно се нашле на местото каде се случи нападот на два локали, при што беа убиени две лица, а 21 лице повредени. Начинот како се случил целиот напад го видел и еден Албанец, чиј локал се наоѓа на неколку метри од местото на настанот. Тој, за Порталб.мк раскажува за ужасот што го доживеале таа ноќ и како се случил целиот напад.

Вели дека најпрво бил надвор од неговиот локал и го видел убиецот како пука. Очевидецот вели дека не можел да разбере што точно се случува, но кога почнал да се приближува до напаѓачот видел дека во раката имал оружје.

„Бев на околу десетина метри од него, мојот локал е многу блиску до местото каде што се случи нападот. Да се свртеше кон мене и мене ќе ме собореше на земја. Кога му се приближив, кога видов дека во рака има оружје, почна повторно да пука, поединечно. Потоа застанав, за момент реков – подобро да отидам и да им кажам на клиентите да побегнат“, објаснува сведокот за Порталб.мк.

Потоа, вели тој, убиецот тргнал кон други два локала во близина, Per på hjørnet и London Pub Oslo и повторно почнал да пука.

„Им кажав на клиентите да заминат, настана голема паника, муштериите заминаа за една минута, некои десно, некои лево, се створи голема паника, некои почнаа да плачат, бегањето се претвори во катастрофа. Клиентите се збунија кога викнав силно „бегајте, ќе нѐ убијат“, а кога ги слушнаа пукотниците, сите почнаа да бегаат, настана хаос, но побегнаа бргу. Во мојот локал не беше критично, бидејќи пукањето беше кон другата страна, но ако се свртеше кон нас да пука, терасата беше полна со луѓе, ќе нѐ срамнеше со земја. Сепак тој отиде на другата страна“, објасни сведокот за Порталб.мк.

Раскажува и како потоа напаѓачот бил совладан.

„Кога ја потроши сета муниција, почна да бега, но веднаш го фатија граѓани. Ја потрошил муницијата од оружјето со кое пукал, но кога луѓето го собориле на земја, виделе дека имал и пиштол, па една жена го фатила пиштолот за да не му дозволи да пука. Потоа граѓаните почнаа да го удираат со тупаници“, вели сведокот.

Иако целиот настан траел неколку минути, му изгледало како да трае еден час.

„Сите дојдоа, полицијата, Брзата помош, пожарникарите… настана хаос, како во филмови. Целиот град е сега трауматизиран, сите се многу загрижени“, завршува очевидецот што ја раскажа својата приказна за Порталб.мк.

Инаку, двата локала кои во саботата наутро беа нападнати во Осло, при што две лица ги загубија животите, а 21 беа ранети, се во сопственост на двајца братучеди Албанци од Тетово.

За време на нападот нема повредени или загинати работници од локалите.

Осомничен извршител на нападот е Норвежанецот Заниар Матапур (42) со иранско потекло, кој им бил познат на норвешките служби. Беше уапсен пет минути по пријавувањето на пукањето.

Норвешките власти се сомневаат дека нападот бил терористички чин.

Престрелката се случи само неколку месеци откако Норвешка ја одбележа 50-годишнината од укинувањето на законот за криминализирање на сексуалните односи помеѓу хомосексуалците.

Како резултат на овој напад во Осло, откажана беше и ЛГБТИ + парадата на гордоста која беше закажана за викендов.

Necromanser Eldritch -Diablo 4 -скриншот од лична архива на Иван Стојановски

Експанзијата „Vessel of Hatred“ на Diablo 4 доби одлични критики од гејмерите

Излегувањето на експанзијата Vessel of Hatred на Diablo 4 наиде на голем број одлични критики од страна на гејмерите ширум светот и е експанзија што фановите ја очекуваа од...