Целосна ремедијација на почвата, но и на подземните води мора да се направи на речиси десетици илјади квадратни метри површина која му припаѓа на некогашниот хемиски гигант ОХИС. Обврската е на државата, која сè уште е сопственик на земјиштето.

Децениското несоодветно складирање на десетици опасни хемикалии, последица од работата на фабриката, придонесува за катастрофално загадување на околината кое влијае директно на здравјето на жителите на Скопје.

ОХИС има три депонии на високо токсичниот инсектицид линдан, и една надвор од дворот, во месноста Пеленица, Драчево. Во дворот на ОХИС се претпоставува дека има над 13.000 тони линдан, покриен со 20.000 тони земја, која досега е целосно контаминирана и самата претставува опасен отпад.

Тука, сè уште се и канцерогената жива, остаток од работата на погонот за електролиза, а стојат и околу 14 тони од опасниот винил хлорид мономер и околу 4,6 тона иницијатори и 5,2 тони хемикалии со непознат состав, кои треба да бидат извезени во Швајцарија и Германија каде ќе се изврши безбедно уништување.

Досега, во рамките на проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД „Охис“, фирмата „Екоцентар 97“ транспортираше речиси 64 тони опасни хемикалии во кои има метанол, акрилонитрил мономер, иницијатори, но и непознати хемикалии.

Објектите на некогашниот државен капацитет се продадоа и добија приватен сопственик, но земјиштето околу нив и дворот на ОХИС се сè уште во државна сопственост, што значи дека и обврската за ремедијација на почвата и на подземните води е на државата, потврдуваат во Министерството за животна средина. Во моментов не се знае кога точно ќе се спроведуваат овие активности, дали ќе се направат проекти за парцијални зафати или за просторот како целина.

„Новиот сопственик на ОХИС е всушност сопственик само на објектите на ОХИС , но не и на земјиштето. Тоа е сè уште во државна сопственост, па оттаму и обврската за решавање на историското загадување во него. Првични проценки за чинење на ремедијацијата на земјиштето се направени во претходни студии, но имајќи предвид дека самата ремедијација ќе се врши дури откако ќе се отстрани линданот и ќе се исчистат депониите, во моментот не може да се каже точната сума. Заради тоа, проценки во услови на постојани промени во цените на услугите во областа на услугите за еколошко чистење отстранување, транспортирање и друго, ќе се направат дополнително“, велат во Министерството за животна средина.

За загадувањето на тлото во ОХИС со пестициди, хербициди и фунгициди и други хемикалии, предупреди и Аднан Ќахил, поранешен инженер во ОХИС кој беше и координатор на работната група на Владата за справување на проблемот со линданот. Тој вели дека загадувањето на подземните води одамна не е проблем само во кругот на фабриката, туку и на целата околина, населбите Аеродром, Лисиче и Драчево, а анализи покажале честички од линдан дури и во воздухот во Ѓорче Петров.

„Во минатото имаме направено анализи како влијаат на воздухот, почвата и на подземните води веќе растворени супстанци како линдан, кои покажаа сериозни резултати. Проблем е начинот на складирање кој е целосно несоодветен и заради него доаѓа до корозивно истекување на супстанците и ако не се реагира навреме нема да може да се спречи катастрофа. Ремедијацијата е задолжителна и мора да се спроведе што побрзо“, вели Ќахил.