fbpx

Обвинителството води постапки за пукања, кинење ливчиња, подмитување гласачи…

-

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности на Јавното обвинителство, денеска ги презентираше случаите на изборни нерегуларности во текот на вчерашните локални избори, како и од претходно.

Нерегуларностите се движат од агитација и поткуп на гласачи, преку кинења на ливчиња и оставање празни ливчиња на гласачки пулт, до закани и пукање.

Комисијата на Јавното обвинителство соопшти дека пристигнале голем број известувања, поднесоци и пријави за индиции за сторени изборни нерегуларности. Притоа, почнати се постапки и оформени се предмети за дел од нив, односно се прибираат докази – усни и материјални.

Во Основното јавно обвинителство Скопје оформени се три предмети, за пукање, изнуда и закани.

Се води постапка против непознати сторители за пукање од огнено оружје за време на митинг на политичка партија во текот на изборната кампања. Предмет е оформен и по доставено известување од МВР за сторено кривично дело „Изнуда“ од страна на засега непознати сторители кон лице од кандидатската листа за советници на една политичка партија за Град Скопје. На оштетениот му биле испраќани пораки, меѓу нив и порака каде се спомнува бомба. По насоки на обвинителството се преземаат дејствија за расчистување на настанот.

На гласачко место во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, лице при остварување на правото на глас, од четири ливчиња само едно ставил во гласачка кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Осомничениот бил уапсен и по пристигнување кривична пријава, почната е обвинителска постапка.

Вчера претседател на избирачки одбор во Демир Капија пријавил дека лице дошло во видно алкохолизирана состојба за да гласа. Лицето зад параванот го искинало едното гласачко ливче, а другото го ставило в џеб, со што постои сомневање за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал“ од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Свети Николе води постапка за поткуп, против еден поткупувач и четири лица кои го примиле поткупот. Настанот се случил на 15 октомври 2021 година, во општина Лозово, кога осомничениот бил забележан како дава пари на граѓани за да гласаат за независен кандидат. Со потврда одземена е документацијата и паричните средства кои биле пронајдени кај осомничениот.

Подрачјето на кочанското обвинителство имало многу работа. Основно јавно обвинителство Кочани се работи на случајот пријавен во петокот во кочанската полиција, кога две лица се осомничени дека од 8 до 15 октомври им се заканувале на повеќе граѓани од Кочани, дека ќе бидат избркани од работа и ќе им бидат одземени други права доколку излезат на гласање и гласаат за партијата чии симпатизери се. По поднесена пријава против лице за агитирање на избирачко место во с.Теранци, оформен е предмет во Основното јавно обвинителство Кочани. Јавен обвинител ги презема потребните дејствија за утврдување на фактите во предметот.

По поднесенo известување за вршење организиран превоз на гласачи до избирачко место во Кочани, во обвинителството се оформени два предмета по кои се постапува за прибирање материјални и вербални докази. Во едниот случај, според пријавеното, станува збор за користење возило на носителка на советничка листа.

Се постапува и по поднесена кривична пријава од политичка партија, во која се наведува дека во н.Оризари, во близина на избирачко место кај Дом на културата во Кочани, се вршело агитација за политичка партија, имало залепено изборни плакати од политичка партија во близина на гласачкото место и се вршело влијание врз гласачи.

Предмет против засега непознати лица е оформен и по добиени сознанија од политичка партија, за поголема група на лица кои стоеле пред избирачки места во Кочани, организирано носеле гласачи и вршеле агитација. По кривичната пријава е оформен предмет за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“ .

По поднесени одделни кривични пријави од политички партии во кои се наведува дека лица вршеле влијание врз гласачи како да го остварат нивното гласачко право, оформени се четири предмети против вкупно седум осомничени. За сите се води постапка во кочанското обвинителство.

Предмет за извршен поткуп е оформен во Основното јавно обвинителство Делчево по добиено известување дека во саботата на Градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник од политичка партија му дал 3.000 денари на едно лице заедно со брошура. Парите од лицето кое ги примило се одземени, додека брошурата не е пронајдена. Обвинителството издаде насоки за натамошно постапување.

Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет против едно лице води постапка, оти на избирачко место во с. Октиси го искинал своето гласачко ливче.

Во гостиварското обвинителство се прибираат материјални и вербални докази во оформен предмет за сторено кривично дело „Повреда на тајноста на гласањето“. На избирачко место во Гостивар гласач го сликал своето гласачко ливче, по што бил забележан од членовите на Избирачкиот одбор и делото било пријавено.

Тетовското обвинителство презема постапки по пријава дека еден кандидат за градоначалник ветувал поплочување со бекатон плочки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...