fbpx

Обвинителството сè уште ги анализира доказите за тетовската модуларна болница, Јовески очекува епилог наскоро

-

Поминаа повеќе од 7 месеци од трагичниот ден кога избувна пожар во Модуларната ковид болница во Тетово и како резултат на тоа животот го загубија 14 пациенти кои се лекуваа од ковид-19. Обвинителството во овој период сè уште не успеало да ја заврши анализата на доказите. Обвинителот Љубомир Јовески вели дека тетовското обвинителство наскоро треба да донесе решение, информира Порталб.мк.

„Анализата на сите прибрани докази е во тек. Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена”, рекоа за Порталб.мк од Обвинителството на Северна Македонија, посочувајќи ги активностите што биле преземени за прибирање на доказите.

Од друга страна, главниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, одговарајќи на пратенички прашања на собраниска седница, истакна дека наскоро очекува тетовското обвинителство да усвои одлука за овој настан.

„Сакам да ве уверам дека Обвинителството целосно го истражува овој случај и на поставените конкретни дилеми одговорности евентуални на определени лица ќе даде одговор. Покрај тоа, сакам уште еднаш во делот на објективното постапување на Обвинителството да ве известам дека во врска со овој трагичен настан беше формирана и работна група во Обвинителството од страна на обвинители која им помагаше на обвинителите доколку имаа правни или други прашања што не можеа сами да ги разрешат“, изјави Јовески.

Основното јавно обвинителство претходно извести дека е извршена анализа на извештајот од вештачењето кое го изврши Крим-техниката на МВР во врска со пожарот.

„Од анализата на трагите на оштетувањата од пожарот, динамиката на ширењето на пожарот и врз основа на оштетувањата на инвентарот и просториите, имајќи ги предвид стекнатите сознанија за дејствијата пред и за време на пожарот, вештаците ја констатираа локацијата, но и можната причина за избувнување на пожарот. Со вештачењето се констатира дека пожарот избувнал како последица на краток електричен спој на кабелот за дефибрилаторот со кој во една од болничките соби се вршела реанимација на пациент. Прекумерното загревање на кабелот предизвикало да изгори разводната кутија на продолжениот кабел во кој биле приклучени дефибрилаторот, полнач за телефон и уште еден уред“, велат од Обвинителството.

Досега никој не е повикан на кривична одговорност, и покрај загубените животи и никој не е повикан ниту на морална одговорност.

Досега нема конкретен одговор дали болницата имала или не противпожарен систем. Сведоците кои го преживеале хоророт изјавиле дека немало, но надлежните органи сè уште не го потврдуваат тоа. Ако имало, каде биле, бидејќи пациентите не можеле да ги најдат, кога истите биле проверени последен пат за тоа дали работат или не?

Сè уште не знаеме дали материјалот со кој била изградена болницата бил отпорен на оган, иако надлежните велат дека болницата ги исполнувала сите стандарди. Болницата изгоре само неколку минути и граѓаните со право бараат одговор на прашањето, ако ги исполнувала сите стандарди, зошто изгорела толку брзо?

Не се знае кој го подготвил извештајот за техничките спецификации на објектот. Обвинителството само собира документација, но не ја споделува со јавноста за да можат граѓаните да ја видат градежната документација на објектот.

Друго прашање, кое исто така е скандалозно, а за што никој досега не презеде одговорност е тоа што меѓу жртвите имало и две лица роднини на пациенти, кои се грижеле за роднините. Тоа значи дека во болницата, во која се лекувале пациенти со ковид-19, имало и членови на семејствата кои престојувале таму со знаење на персоналот и администрацијата на болницата, а што е строго забрането.

Страшниот пожар што ја претвори во пепел тетовската модуларна болница, со себе однесе 14 животи на пациенти кои се лекувале од ковид-19, но и на членови на семејството кои се наоѓале внатре. 14 лица беа спасени пред објектот да изгори целосно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...