Фото: Архива на Мета.мк

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција преку соопштение до јавноста најави дека се сомневаат дека при бегството на обвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“ Сашо Мијалков, е извршено кривично дело помагање на сторител во извршено кривично дело. Тие најавија расчистување на ваквите сомненија.

Обвинителите за организиран криминал велат дека факт е оти во моментот кога тие го поднеле предлогот за мерка притвор до Судот, Мијалков не бил во бегство. Поради тоа, ОЈО смета дека „постојат основи на сомнение за сторено кривично дело, помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик, заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“.

Оттаму го објаснуваат хронолошкиот тек на настани кои водеа до исчезнувањето на некогаш најмоќниот човек во државата.

19.02.2021 (петок попладне) – Во моментот на завршување на главната расправа за „Таргет-Тврдина“ во петок обвинителите немале никакви индиции дека тој подготвува бегство. Но, и покрај тоа, како што велат од ОЈО, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле Министерството за внатрешни работи дека главната расправа е завршена. На расправата во завршниот говор на одбраната, Мијалков реши да не додаде ништо на она што го рекоа неговите адвокати.

20.02.2021 (сабота во 23:00 ч.) – Министерството за внатрешни работи ги споделува со ОЈО првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков.

21.02.2021 (недела наутро) – По направените проверки, обвинителите го изготвуваат предлогот за определување на притвор.

21.02.2021 (недела во 12:00 ч.) – Со цел да обезбедат услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството ги известува Основниот кривичен суд – Скопје и Министерството за внатрешни работи за изготвениот предлог.

21.02.2021 (недела во 15:00 ч.) – Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со решение на Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор.

21.02.2021 (недела во 18:45 ч.) – Решението за мерка притвор е примено од страна на обвинителството. Во меѓувреме, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во МВР дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.

21.02.2021 (недела во 21:20 ч.) – Обвинителите се известени дека има проблем со врачување на решението за притвор.

21.02.2021 (недела во 21:47 ч.) – Обвинителството добива потврда дека Мијалков не е пронајден.