Основниот суд Куманово донесе пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението, соопштува кумановскиот суд.

„Куманово до Основниот суд во Куманово достави известување со кое го повлече Обвинителниот предлог кој се темелеше на предложените докази, пред се изготвеното материјално-финансиско вештачење во рамките на преземените истражни дејствија, врз основа на кое прозлегуваше дека со дејствијата на извршување на кривичното дело, кои се состојат во непостапување по чл.59 ст.11 од Законот за градење, на двете оштетени правни лица им била нанесена заначителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари,“ известуваат оттаму.

Од ОЈО Куманово информираат дека по изведувањето на сите докази во текот на судската постапка, особено по исказите на вештаците, било утврдено дека во услови на веќе издадено одобрение за градење, штета врз правните лица не постои. Според вештачењата, без постоење на штета не се исполнуваат законските елементи на кривичното дело што првично му се ставаше на товар на обвинетиот.

„За да бидат исполнети законските обележја од наведената квалификација неопходно е да постои нанесена-настапена значителна штета, која во конкретниот случај во услови на издадено одобрение за градење не постои, согласно вештаците,“ пишува во сооптението.

Јавниот обвинител дополнително испитувал дали постои основ за кривично гонење по друга правна квалификација, но по детална анализа на сите изведени докази и по два пати реферирање на предметот во Јавното обвинителство, било утврдено дека нема доволно докази за кое било друго кривично дело што се гони по службена должност.

Со оглед на ваквата состојба, обвинителството го повлекло обвинението пред Основниот суд во Куманово.