fbpx

Обвинителството сака да открие или да сокрие?

-

Синоќешното соопштение на Јавното обвинителство за материјалите од средбата меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на опозцијата, Зоран Заев, во кое, меѓу другото, медиумите се предупредуваат да не објавуваат вакви слични материјали бидејќи ќе сносат санкции, предизвика остри реакции во јавноста и од новинарските здруженија.

Првичните реакции на соопштението произлегуваат и сугерираат на повеќе моменти поврзани со објавувањето информации и материјали од случајот „Пуч“, од кои можат да се издвојат три:

  • На медиумите им се забранува објавувањето на снимките од средбата меѓу Груевски и Заев, а се поврзани со случувањата во „Пуч“;
  • Се доведува под знак прашалник изнесувањето на доказите од случајот „Бомба“, кои лидерот на опозицијата тврди дека ги поседува и најавува дека ќе ги обелодени;
  • Се проблематизира можноста медиумите да објавуваат материјали од „Пуч“ и од „Бомба“, со предупредувањето што до нив го испраќа Обвинителството дека со нивното обзнанување во јавноста се крши законот.

На ова последото, меѓу првите, преку соопштение реагираше Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ), во кое се вели дека заканувачките предупредувања на Основното јавно обвинителоство „не смеат да бидат оправдување за повлекување од основната задача на новинарството – да го брани јавниот интерес така што ќе ѝ помогне на јавноста, преку информациите што ги пренесува, самата да донесе сопствена одлука и сопствено мислење за прашањата и за случувањата во општеството“.

Професорот на правниот факултет „Јустинијан први“, Гордан Калајџиев, смета дека медиумите имаат обврска да објавуваат информации за криминал и за корупција, а Обвинителството треба да објасни по кој закон тоа е забрането.

– Обвинителството треба да објасни по кој закон е забрането објавувањето на такви материјали и на која основа досега биле објавувани такви материјали од страна на МВР. Медиумите имаат обврска да објават информации и материјали во кои има основа и сомневање за корупција или за криминал. Тоа е исто како да му биде забрането на новинар, кога оди на терен во врска со некој настан, да собира и да објавува докази и сведоштва на очевидци. Заклучок за постапките на Обвинителство може да се извлече и од соопштението што до јавноста го испрати Хелсиншкиот комитет, од каде произлегува впечатокот дека Обвинителството повеќе се обидува да сокрие отколку да открива и гони криминал и корупција – вели Калајџиев.

Предупредувањето да не се откриваат класифицирани информации е легитимно право на Овинителството, но друг е случајот кога тие веќе се појавиле во јавноста и сите ги знаат, објаснува универзитетскиот професор и декан на факулетот за Правни науки на ФОН, Темелко Ристески.

– Обвинителството, сè што е вистина, не смее да забранува да се шири во јавноста. Тоа може и треба да предупреди да не се шират информации со извесен степен на тајност, но кога нешто влегло во јавноста и таа знае за тоа, тајноста веќе престанува, дури и кога на документот сè уште стои ознаката за степенот на доверливост – вели Ристески.

Јавното обвинителство во соопштение известува дека побарало од МВР да стапи во контакт со мрежата на која беше објавен материјалот од средбата меѓу премиерот и претседателот на СДСМ „за негово отстранување како и за отстранување на слични материјали кои би се појавиле во иднина“.

– Како и секогаш, ќе постапиме по барањата на Јавното обвинителство и ќе побараме од „Јутјуб“ да ги тргне спорните материјали. Одговорот што ќе го добиеме од „Јутјуб“ должни сме да го доставиме до Јавното обвинителство, па тие ќе одлучат дали ќе го објават во јавност – вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Тој вели дека досега неколкупати постапувале по барања од Јавното обвинителство да реагираат до социјалните мрежи за спорни материјали.

Неодамна, видеозапис на „Нова ТВ“, снимен на првиот студентски протест кој се одржа на 17 ноември, беше пријавен до видеосервисот „Јутјуб“ како „непристоен“ бидејќи „на снимките од 12:45 до 16:14 минута има нарушување на нечија приватност“. Тогаш „Нова ТВ“ доби писмо од „Јутјуб“ да го отстрани спорниот дел од видеоснимката. Во спорните минути од видеоснимката, освен студентите кои протестираа, се гледаат и лицата на полицајците што го обезбедуваа протестот.

Од Министерството за внатрешни работи тогаш ни рекоа дека од нивна страна не било реагирано до „Јутјуб“ да се отстрани дел од видеозаписот.

– МВР не води постапка за случајот и затоа нема основа да бара остранување на видеоматеријалот од „Јутјуб“ – изјави за „Мета“ портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Од „Нова ТВ“ рекоа дека барањето било обид за цензура бидејќи сите снимени материјали што се објавени се снимки направени на јавен настан и претставуваат снимки од јавен интерес.

Порталот по неколку дена доби одговор дека видеозаписот бил прегледан од вработените на „Јутјуб“, кои одлучиле, базирајќи се на нивните правила, содржината на видеоснимката да не биде отстранета.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...