Фото: Арбнора Мемемти

Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик, во врска со дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“.

„Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган“ се вели во соопштението од ОЈО Скопје.

Обвинителството му предложи на Судот да ги продолжи веќе претходно определените мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд.

Минатата година во септември, обвинителството поведе истрага за случајот, а со владина одлука Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионалните патишта беше задолжено да ја урне дивоградбата кај „Мавровка“.