fbpx

Обвинителството нареди да се направат нови анализи за смртта на Коста Крпач

-

Основното јавно обвинителство (ОЈО) и покрај завршената обдукција на телото на Коста Крпач, доцна синоќа издало наредба за нови дополнителни анализи, пренесе „24 Вести“.

„ОЈО изврши координација и консултација со Институтот за судска медицина и крим-техниката и даде наредба за вршење нови анализи, за подобро расветлување на случајот“, велат од Обвинителството за „24 Вести“.

Доцна синоќа се огласи и Кривичниот суд, кој прво објави едно соопштение во кое пишува дека во април, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) побарало претрес во домот на осомничениот К.К, а кратко време подоцна објави ново соопштение во кое беше избришан зборот „осомничен“.

Денеска од судот велат дека се работело за техничка грешка во првото соопштение.

Претседателот засега нема да коментира ништо околу смртта на Коста Крпач, рекоа за „Мета“ вчера од кабинетот на Ѓорге Иванов.

– Доколку има реакција, ќе бидете известени – ни изјавија од кабинетот на претседателот на државата, на прашањето дали Иванов ќе даде изјава во врска со инцидентот во кој беше пронајдено мртво лице кое тој го аболираше заедно со други 55 функционери и нивни блиски соработници.

СЈО исто така вчера информираше дека никогаш не била водена кривична постапка против Крпач и тој никогаш немал својство на осомничено лице, како и дека сè уште чекаат одговор на поднесеното барање за достава на податоци во врска со тоа од каде му се информациите на претседателот на Република Македонија дека, наводно, против ова лице се водела кривична постапка.

Од СЈО најостро ги демантираа наводите на одредени медиуми дека обвинителството правело каков било притисок врз сега покојниот Коста Крпач.

Крпач во средата попладне беше пронајден мртов во својата спална соба откако, наводно, околу 13.20 часот, пукал од својот балкон на улицата Народен фронт, во населбата Капиштец.

Од МВР информираа дека лицето било пронајдено со прострелна рана во градниот кош. Покрај телото било пронајдено и оружјето со кое најверојатно било пукано.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера во Битола изјави дека нема да го коментира случајот и ќе остави истрагата да си ја заврши работата.

Коста Крпач денеска беше погребан на градските гробишта во Бутел.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пожарникари кои го гаснеа пожарот на Серта, спасија куче од огнената стихија

Работат по 12 часови во денот, борејќи се со пожарите кои ја зафатија планината Серта, а притоа успеваат и да направат хумани дела кои уште повеќе ја враќаат довербата...