Обвинителството бара построга казна за сообраќајката во Тетово во која загина Теодора Ристовска

ОЈО Тетово ја обжали пресудата со која обвинетиот доби две години затвор, сметајќи дека санкцијата е преблага во однос на тежината на делото. Жртвата на трагичната несреќа од пред три години беше 23-годишната Теодора Ристовска

Основно Јавно Обвинителство Тетово / Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Основното јавно обвинителство Тетово поднесе жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 7 април годинава, со која обвинетиот М.П. беше осуден на две години затвор за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Обвинителството бара преиначување на казната во повисока, оценувајќи дека судот изрекол санкција која е „преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност“. Според соопштението, особено се зема предвид фактот дека во несреќата тешко беше повредена пешачката Теодора Ристовска, која подоцна им подлегна на повредите.

„Општиот јавен интерес, како и зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажуваат на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам“, стои во соопштението на ОЈО Тетово. Надлежниот обвинител исто така го земал предвид ставот на Судскиот совет изнесен во текот на постапката.

Иако семејството на жртвата нема право на жалба во оваа фаза, тие писмено се обратиле до обвинителството барајќи да ја обжали пресудата. Сега случајот е во рацете на Апелацискиот суд во Гостивар.

Сообраќајната несреќа се случи на 15 август 2022 година во Тетово, кога возачот М.П. со автомобил удри во младата Теодора Ристовска, која се движела пеш. Според наводите на истрагата, возачот не се придржувал до пропишаните правила за брзина и не внимавал на пешаците во населено место. Случајот предизвика јавна реакција, особено поради ниската изречена казна, со бројни повици за построга одговорност и засилени мерки за безбедност во сообраќајот.