Обвинителството за организиран криминал и за корупција бара судот да им одреди највисоки казни за 37-те обвинети за настаните од 9 и 10 мај 2015 година во Диво Насеље, Куманово. Обвинителите Вилма Рускоска и Наум Пановски на денешното рочиште ги дадоа завршните зборови, неколку часа презентирајќи ги анализираните докази за секој од обвинетите, содржани на 40 страници.

На рочиштетот, како што пренесува информативниот портал „МКД“, биле образложени телефонски разговори обезбедени со примена на посебни истражни мерки (ПИМ), записници, фото-документација од настанот, известувања, вештачења на мобилни телефони, на оружје, ДНК-анализи, обдукциони наоди и уште голем број материјални докази.

Според обвинителството, терористичката група во Македонија влегла со огромен арсенал оружје, кое го чувале во шума и нивната цел била загрозување на животот и на телото на граѓаните и предизвикување општа опасност.

– Обвинителството располага со цврсти докази дека обвинетите ги сториле кривичните дела тероризам и терористичка организација. Во полициската станица во Гошинце се најдени траги кои потврдуваат дека се сторени кривичните дела и дека дел од обвинетите биле на местото. Членовите на групата меѓусебно се познавале од конфликтот во Косово во 1999 г. и од конфликтот во Македонија во 2001 година. На местото на терористичкиот напад (во Диво Насеље) се најдени десет лешеви на членови на групата. Обвинетите се регрутирани еден дел врз основа на материјална корист, а останатите врз основа на политичка идеологија. Обвинетите биле на местото на настанот, а тоа го потврдивме и со ДНК-анализа – рече во завршниот збор обвинителот Наум Паноски.

Образложувајќи дел од телефонските разговори обезбедени со ПИ-мерки, обвинителот го споменал и името на пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој преговарал за предавањето на групата. Според доказите обезбдени со ПИ-мерките, обвинетиот Мухамед Красниќи – командант Малишева, кажал дека групата ќе се предаде, но само ако дојде ОБСЕ.

Обвинетите на неколку рочишта бараа од судот во својство на сведоци да се појават Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Артан Груби и Али Ахмети, но судијката им го одби предлогот. По ова тие ги бојкотираа претходните неколку рочишта.

Судењето за „Диво Насеље“ почна во февруари минатата година. Во овој случај обвинети се 37 лица за тероризам и за терористичка организација.

Во престрелката во кумановско Диво Насеље пред две години загинаа осуммина припадници на МВР, четириесетина полицајци беа тешко повредени, а убиени беа и десет лица од вооружената група.

Судењето продолжува на 28 јули, кога обвинителство ќе треба да го доврши почнатото обемно презентирање на завршните зборови.