Основното јавно обвинителство Охрид по информациите во јавноста, соопшти дека отвори предмет по допрен глас за смртта на лице од Струга, жена на возраст од 66 години на која и било дијагностицирано присуство на вирусот Ковид – 19.

„Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но, пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата“, стои во соопштението на ОЈО Охрид и се додава дека ќе се преземат дејства во насока на расчистување на причинско последичната поврзаност и утврдување на факти за евентуално постоење на кривична одговорност.​

Како што претходно информираше Министерството за здравство, ќе се направи целосна ревизија на случајот за да се утврди дали имало лекарски пропуст.