Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја предало целата документација, со сите списи и докази за случајот „Пуч“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Разликата што се јавува околу доказите, велат оттаму, е поради класифицираните материјали за кои нема втор примерок, а единствените се предадени во Основниот суд Скопеј 1, соопшти денеска Јавното обвинителство.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја има предадено севкупната документација со сите списи и докази за предметот познат во јавноста како „Пуч“ при преземањето на надлежноста од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Разликата што се појавува во однос на доказите е во класифицираните материјали за кои не постои втор примерок, односно единствениот примерок од нив е предаден во Основниот суд Скопје 1 при поднесување на обвинението. Сакаме да нагласиме дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ниту задржува, ниту поседува списи и докази за кој било предмет што не е во негова надлежност“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму истакнуваат дека ОЈО за гонење организиран криминал и корупција со истите докази, пред тие да бидат предадени на СЈО, го застапувало обвинението за предметот „Пуч“.

Рочиштето за „Пуч“ вчера по деветти пат беше одложено, на барање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, бидејќи, како што рече, не се исполнети условите од страна на судот, кој одбива да достави до СЈО копии од списи и електорнски докази за случајот.

Вчера, Специјалното обвинителство преку соопштение посочи десетина институции кои ја опструираат работата и одбиваат соработка со СЈО. Меѓу посочените беа и ОЈО за гонење огранизиран криминал и корупција и Основниот суд Скопје 1.