Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар извршил увид во центарот на Кичево, на местото каде што синоќа во вооружен инцидент ранети беа три лица, меѓу кои и носителот на независна листа за советници во општината, Алит Абази.
„Според првичните сознанија, до инцидентот дошло кога лицето А.А. од зад грб истрелало неколку куршуми од пиштол кон А.А. и А.Д. При нападот, лесни телесни повреди во пределот на потколеница добил и случаен минувач. Поради сериозноста на повредите, А.А и А.Д се пренесени на лекување во скопските клиники. Во текот на денешниот ден Основното јавно обвинителство – Гостивар до судија на претходна постапка при Основниот суд – Гостивар ќе достави предлог за определување притвор за сторителот“, информираат од ОЈО.
Полицијата вчера го приведе А.А. (58), кај кој пронајден е и одземен пиштол марка „сиг сауер“, калибар 9 милиметри.
Четириесетгодишниот Абази бил застрелан во слабината, додека Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Абази и Абдиу биле пренесени на скопските клиники, а Далипи бил префрлен во кичевската болница.
Инцидентот се случил на булеварот Ослободување во Кичево, околу 18.50 часот. Според првичните информации, се претпоставува дека нападот врз кандидатот за советник и врз другите две лица не е со политичка заднина, туку дека Абази и напаѓачот имале недоразбирања од претходно и воделе судска постапка.