Во текот на вчерашниот ден, има поединечни настани со наводи за изборен поткуп евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите обвинителства се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите, информираат преку соопштение денеска во Јавното обвинителство. Оттаму велат дека освен ова, имало и информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но, како што велат оттаму, до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело.

„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело. Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска усно е известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело“, се наведува во соопштението.

Во Обвинителството информираат дека привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности ќе продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а адресата [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.

„И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а обвинителството тесно се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес. Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, се додава во соопштението.